Спасувачките екипи се уште трагаат по 100 исчезнати лица од вчерашната експлозија на пристаништето во Бејрут. Најмалку 100 лица загинаа а на над 4.000 се повредени во експлозијата која го потресе целиот град. Претседателот Мишел Аун изјави дека експлодирале 2.750 тони амониум нитрат, кој бил чуван во складиште на пристаништето во несоодветни услови.
Наликува на Хирошима или Нагасаки, на тоа ме потсетува. Никогаш до сега не сум видел такво уништување, ова е национална катастрофа, ова е катастрофа за Либан. Не знаеме како ќе се справиме со ова, едвај преживувавме а сега ни се случи и оваа катастрофа, ијзави градоначалникот на Бејрут Марван Абуд.
Очевидци, од кои многумина вработени на пристаништето и во непосредна близина, но и такви кои биле оддалечени неколку километри, сведочат за силата на експлозијата.
Одев кон моето работно место и видов црн чад и оган. Неколку моменти ја почуствував експлозијата која ве исфрли назад, рече очевидецот Ајман Салман.
Експлозијата и уништувањето на главното пристаниште во Либан доаѓа во исклучително тешка економска ситуација за земајта, која најголемиот дел од храната ја увезува токму преку тоа пристаниште. Земјата беше во економска криза уште пред да започне пандемијата со Ковид-19, која дополнително ги подгреа старите политички и религиозни поделби, што беше причина за антивладините протести кои траат со месеци.
Влијанието, цената на уништувањето и ако го земеме предвид фактот дека пристаништето е главната трговска рута за влез во земајта, од каде што добиваме пченица, гориво, лекови, таа инфраструктура сега е целосно уништена, вели Сами Надер, директор на Институтот за стратешки прашања во Бејрут.
Според прелиминарната истрагата, амониум нитратот кој се користи како ѓубриво во земјоделството, бил складиран во пристаништето уште од 2013 година а експертите тврдат дека чуван во соодветни услови е релативно бебзеден. Амониум нитратот може да се претвори во експлозивна супстанца само под одредени околности, ако бил чуван во затворен простор со други супстанци како гориво, кои можат да го контаминираат и тогаш може да настане експлозија.
Игор Трајков