Штипјани стекнуваат колективен имунититет, денеска повторно е втора општина во здравствениот билтен со 29 новозаразени од Ковид-19, со што бројот на активни случаи се искачи на 409. Според епидемиолозите станува збор за работници, но и членови на нивни семејства. Наредните денови не се очекува да се намалува бројката на заразени, бидејќи уште од раните утрински часови забележана е гужва пред пунктот на Центарот за јавно здравје.
Нашиот тим само денеска зема вкупно 100 брисеви, дел се нови, но имаме и контролни. Се земаат брисеви од суспектни случаи, на пример ако жената е болна се појавуваат симптоми кај сопругот и го тестираме. Најголем дел од случаите денеска се со упат преку матичен лекар, вели Марија Димитрова директор на Центар за јавно здравје-Штип.
Во штипскиот регион нема веќе кластери, а има позитивни случаи од деца, па се до над 80 години. Додека штипските епидемиолози не можат да престанат со работа, соседно Свети Николе чека да се отвори мобилниот пункт за земање на брисеви. Телма пред два дена објави дека кризниот штаб бара отварање на ваков пункт, а денеска добиле известување дека барањето им е прифатено, веќе се утврдуваат и деталите за функционирањето на пунктот. Градоначалникот, Сашо Велковски појаснува дека од над 180 позитивни случаи над 90 посто или околу 170 граѓани се заглавени дома по неколку недели и чекаат контролни тестови.
Пунктот е потребен бидејќи овие наши граѓани, кои се по своите домови, поради мерките не можат да патуваат до Велес за да им се земе брис таму. Чекаме и одговор за санитетското возило, кое е потребно за транспорт на потешките случаи до болниците во Штип и Велес, вели Сашо Велковски градоначалник на Свети Николе.
Поголемиот дел од заразените и оние кои се во изолација ги почитуваат мерките, но има и кои не ги почитуваат па завршуваат во државен карантин. Од вчера 61 годишен винчанец е во 14 дневен карантин во Скопје. Досега вкупно десет жители на истокот не ги почитувале мерките и полицијата ги однела во карантин, од кои четвторица од Кочанско, тројца од Штип и двајца од Свети Николе.
Викторија Димитрова Јованова