Вести Македонија

Граѓаните во редици со маски ги гласаа, тие не дојдоа во ДИК поради вирусот

Граѓаните во редици, со маски чекаа за да ги гласаат, а нивните избраници не видоа потреба лично да дојдат во ДИК, за да си ги подигнат уверенијата за пратеници.Салата во Комисијата вчера беше свечено украсена, уверенијата  стокмени, а членовите и претседателот подготвени за лично да ги врачат. Но, повеќе од еден час не дојде никој.Со задоцнување дојдоа десетина пратеници од коалицијата „За обнова на Македонија„, предводена од ВМРО ДПМНЕ, уверенијата за останатите ги подигна Јанушев. Од СДСМ и ДУИ, пратија овластени претставници, кои отсуството на пратениците го оправдаа со вирусот.

Од Алијанса и Алтернатива пратија претставник, но си замина без уверенија, затоа што намеше овластување. Денеска не знаеја што точно се случило.

Левица и ДПА не испратија ниту претставници. Постапката наиде на осуда. Поранешниот пратеник и актуелен професор по правно-политички науки, Александар Спасеновски потсетува дека, преносот на суверенитетот на граѓаните се одвива во две фази: првата, со свечен чин на доделување на уверенијата во ДИК и втората, со конститутивната седница на која се верификува добиениот мандат.

Со почитувањето на свечената церемонија, според Спасеновски,  ќе испратеа две пораки. Прво, дека ја почитуваат парламентарната демократија и дека водат сметка за интересите на граѓаните кои ги избрале да ги претставуваат во парламентот и второ, дека ќе делуваат во согласност со интересите на граѓаните, а не за сопствените или интересите на партијата на која и припаѓаат. И политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека ваквото однесување ја подрива довербата на граѓаните во целиот процес.

Аналитичарот Муслиу, пак, е убеден  дека постапката на пратениците не била тенденциозна, туку едноставно биле невнимателни.

По земањето на уверенијата, следи верификација на мандатот во Собранието. Претседателот Џафери има рок до 4 август да свика конститутивна седница. Доколку биде спречен, по деловникот, седницата треба да ја води најстариот од избраните пратеници. Седницата ќе се одвива согласно мерките за заштита од коронавирусот, во големата сала со купола каде што ќе биде обезбедено соодветно растојание меѓу пратениците и собраниските службеници. Гласовите на оваа седница ќе се бројат рачно имајќи предвид дека во неа нема инсталирано систем за гласање. На влезот ќе се мери температура на секој што ќе дојде во собраниската зграда.

 

Далиборка Демјанска Цветановска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Боцевски во „Топ тема“: Принципот „100 дена“ е од времето кога веста за избор на влада патувала со коњ

Дејан Дејан

Муслиу во „Топ тема“: Видов ентузијазам и енергија кај премиерот, се надевам нема да ги загуби, има промена и во пристапот кон странските инвестиции

Дејан Дејан

Боцевски во „Топ тема“: Македонија повторно е на мапата на развојот, се враќаат инвестициите по седум години пауза

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе