Менувањето на статусот на Аја Софија од црква во џамија, и од музеј, во џамија ги разгоре затаените тензии меѓу Истанбул и Атина. НЕ ЗА НОВОТО ОТОМАНСТВО, извикуваа демонстрантите на атинскиот плоштад Колокотрони. По вчерашната прва муслиманска молитва во Аја Софија, најпогодена се пронајде Грција, која ова го смета за уште една провокација од Турција која само дополнително ја загрева ситуацијата во источниот дел на Медитеранот.
Не е фер кон целиот свет, и кон сите религии, бидејќи некој го направил овој голем споменик, и тој верувал во одреден Бог, и некој друг го зема ова земјиште и сака да го стави својот Бог на него. Многу е едноставно и лесно за некој да разбере дека не е фер, вели Крис Сакорафас, учесник на протестите.
Овој протест во Атина беше мирен, но помалиот кој се одржа во Солун најмногу ги разбесни Турците. Запалено беше знамето на Турција. А претходно, грчкиот премиер, одлуката по 86 години да се одржи муслиманска молитва во Аја Софија ја нарече навреда за цивилизацијата на 21 век. Сепак, грчкото МНР го осуди плаењето на турското знаме. Одговор врати Анкара.
Разгалените деца на Европа, кои не можеа да ја поднесат сликата на верниците, кои повторно влегуваат во Света Софија, уште еднаш беа во делириум. Ваквите расистички начини на размислувања, не ги извлекоа потребните лекции од историјата, оние што не го почитуваат нашето славно знаме, треба да се сетат на нивната судбина во Егејот. Грција треба да се разбуди од византискиот сон од кој не може да се разбуди веќе 567 години и да се ослободи од фрустрацијата што произлегува од тоа, реагираше турското МНР.
Но, на оваа провокација не одговори Грција.
Многумина се прашуваат зошто Ердоган одлучи овој најпознат христијански храм во Истанбул да го врати кон исламскиот култ. Аналитичарите објаснуваат дека тој е убеден исламист, така што овој потег е плански реализирана визија на одново можната Турција, која се враќа кон османлиската традиција. Што значи, одлуката е одамна донесена, но само се тактизираше за датумот и спроведување во дело. Рејтингот на супериорниот лидер значително е намален, што најмногу се покажа минатогодишните локални избори, кога не само што ја загуби престолнината Анкара, туку и својот бастион Истанбул. Неговите стравови, според аналитичарите, се следните претседателски избори, кои ако сега се одржат градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу во трка со Ердоган би имал исти, ако не и поголеми шанси.
Алиса Шутиноска