Асоцијацијата на архитекти бара градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ да го повлече Предлог – детaлниот урбанистички план за Мал ринг за кој за утре е закажана јавна презентација. Сметаат дека јавна презентација не смее да има се додека спорните објекти не бидат исфрлени.
Во планот се планирани истите објекти кои беа спорни и во претходниот криминален план со кој беше овозможена изградба на објектите од таканаречениот проект „Скопје 2014“, наведуваат од ААМ.
Додаваат дека со предложениот план се дава потврда и реафирмација на изградениот, и што е уште пострашно на неизградениот дел од проектот „Скопје 2014“, од кој ова здружение се огради уште во 2010 година оценувајќи дека е стручно неиздржан и не ја антиципира иднината.
Сега, Асоцијацијата на архитекти наведува дека со оглед на тоа што опшптината вели дека новите планови ги носи по приоритет – тогаш произлегува приоритет е изградба на Споменикот Мајка Тереза, како и „Шпански скали“, потврда на додадениот трем на Стоковната куќа НАМА и Триумфалната порта, односно тоа би значело конечно завршување на проектот Скопје 2014.