Македонија Најважни

Победа означена со калашњикови, се заборави на вирусот

Истрели од автоматско оружје, поворки и свирежи од автомобили низ улиците на Чаир. Собир на поголема група граѓани пред споменикот на Скендер бег…До доцна во ноќта,  ДУИ „огнено„ ја славеа победата. Рафали се слушаа и во видеото од прославата што градоначалникот го објави на фејсбук, а кое за кратко време беше избришано.

Во Мала речица трештеа зурли и тапани, се виеше оро. Сите заборавија на корона вирусот, протоколите останаа за пред камерите.

Атмосферата во Белви славеничка, но не претерано еуфорична. Се вжешти дури во 1.30 по полноќ, кога се обрати  Заев. Победнички чад, ракоплескање, извици и гужва, но со маски на лицата.

Во текот на вечерта овде беше мирно. Гласните воздишки и тивките восклици се менуваа како што се менуваа и резултатите.

Неизвесноста до крај ја држеше тензијата и во противничкиот табор.

Пред ВМРО ДПМНЕ на моменти новинарските екипи беа побројни од симпатизерите. Малкумината собрани лица, претежно поранешни функционери, мирно седеа на клупите и тивко разговараа. Резултати се чекаа по телефон, актуелните функционери се затворија во зградата и беа недостапни за какви било информации.

Најнеизвесно беше по 21.30 часот. Прес-конференциите се закажуваа, па одложуваа, стигнуваа информации дека сега водат едните, па по десет минути другите. Во еден момент, резултатот беше нерешено. За подигање на атмосферата, по телефон се лиферуваа резултати од некои помали места, како Лисиче и Чешиново.

Околу полноќ, следеше провокација од СДСМ-Центар, чија зграда е веднаш до нивната. Со пиротехнички средства од прозорците ја означија победата, но за кратко време си заминаа. Овојпат изостанаа зурлите,  тапаните и орото со кои во 2017-та ја славеа победата на локалните избори, пред вратата на противничкиот табор.

По последната прес-конференција на Јанушев, новинарите не добија одговор, дали ќе се обрати Мицкоски. Сите останаа на своите позиции во неверување дека ќе се случи тоа што не се случило на ниту едни избори- на крајот на изборниот ден да не се обрати партискиот лидер. Дилемата ја разрешија лицата вработени во партијата кои почнаа да ја собираат опремата и озвучувањето. Во неверување, последни си заминаа и новинарските екипи.

Еуфоријата во партиите денеска спласна, сега почнува потешкиот дел- преговори за  формирање на влада.

Далиборка Демјанска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Фајзергејт“: ЕК ги прекршила правилата за транспарентност во врска со СМС пораките на Фон дер Лајен за Ковид вакцините

Дејан Дејан

Објавен на ЕНЕР Предлог Закон за Судскиот совет – се чека мислење од Венецијанската комисија

Дејан Дејан

Земјотресот со јачина од 6,1 степен ги погоди грчките острови Родос и Касос, а беше почувствуван и на Крит- предупредување за можно цунами

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе