Повеќе од 12 часа и требаа на Државната изборна комисија за да пријави во полиција дека им е хакирана веб-страницата. Ги пребројуваа гласовите од изборите, ги внесуваа во систем, но јавноста во тоа немаше увид.
Претседателот на ДИК соопшти дека хакерски напад врз апликацијата каде што требаше да се следат резултатите од изборите е причина за ваквиот пропуст на изборите.
Сега Секторот за компјутерски криминал во МВР ќе истражува дали нападот на страницата е реализиран преку компјутерски систем во земјава или странство и кој стои зад сето тоа.
Тендерот за набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК го добила фирмата Duna. Жалба поднела фирмата IVote која од 2006 година досега ја имала таа задача. Истата била усвоена, а тендерот пуштен повторно овојпат со изменети критериуми. И по вторпат победила фирмата ДУНА, и повторно следела жалба од IVote која овојпат е одбиена.
Интересно е тоа што од Бирото за јавни набавки во јуни дале свое мислење дека не се исполнети условите за спроведување на постапката со преговарање без објавување на оглас.
Во дел од жалбите на IVote пишува:
Избраниот понудувач немал ниту една референца од успешна имплементација на софтверски проекти преку мобилен уред и приказ на внесените податоци преку динамичка јавна веб страница со најмалку 50.000 прегледи на страни во период од еден час.
Телма побара објаснување од Duna – зошто сајтот на ДИК имаше технички проблеми на изборниот ден.
Ние изработивме апликација која се хостираше на сајтот на ДИК кој е менаџиран од ИТ службата на ДИК. За техничкиот проблем најдобро знае ИТ службата на ДИК.“ е дел од ставот кој ни го испратија, ни одговорија од таму.
Набавениот софтвер имал грешка, не му бил направен стрес-тест за да се провери колку посети може да издржи.
Со грешка на софтверот бил прикриен хакерскиот напад кој одел преку трасата од Виена. Страницата не била испробана, а хакерите го искористиле тоа и направиле ситуација како 800.000 луѓе во исто време да се на истата адреса и да следат резултати, информираат за Телма извори од Секторот за информатичка технологија на ДИК.
Серверите во Виена по чијашто траса дејствувале хакерите во меѓувреме го блокирале нападот.
МВР ќе истражува и дали некој од внатре од ДИК направил саботажа на софтверот.
Петар Догов