Уапсен е штипјанец во чија продавница се најдени над 100 лични документи на други граѓани. Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев тврди дека станува збор за кривично дело ,,Поткуп при избори и гласање“ во корист на политичките ривали.
Министерот Чулев на ФБ статус тврди дека жртви се ромските жители на Штип.
-По добиени оперативни информации дека лицето Д. А. од Штип поседува патни исправи и лични карти од повеќе НН лица од ромска националност кои биле држени како залог за настанат долг во неговата прехранбена продавница, а кој долг наводно би им бил подмирен доколку истите на денот на изборите гласаат за политичката партија СДСМ, од страна на ОЕК при СВР Штип од Судија на претходна постапка од Основен суд Штип побарана и добиена е наредба за претрес на дом и други простории кај конкретното лице со цел обезбедување на материјални докази и целосно документирање на настанот. При извршениот претрес во прехранбената продавница на лицето биле пронајдени 4 тетратки во А4 формат во кои имало список со имиња, 69 биометриски лични карти, 18 биометриски патни исправи, 18 стари патни исправи, 6 стари лични карти, 1 дозвола за престој и 1 здравствена легитимација, за кои постои основано сомневање дека се предмет на Кривично дело ,,Поткуп при избори и гласање“ од чл.162 од КЗ, напишал Чулев на ФБ.
Министерството за внатрешни работи и понатаму ќе ги презема сите мерки и активности за спречување на изборен поткуп и влијание врз гласачите. Апелирам до граѓаните да ја пријават секоја активности со која се крши или попречува нивното избирачко право, потенцираше Чулев.
На ова реагираше дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска која го обвини Чулев за злоупотреба на истрагата за партиски цели, бидејќи истрага за економски криминал поврзан со долгови го претставува како изборен поткуп.
Таа преку фејсбук вели дека министерот Чулев очајнички ги извртува резултатите од истрага во Штип.