Здравствениот систем е целосно ставен во функција на борбата со Ковид, а тоа ги наполни листите на чекање за другите пациенти во болниците. Оние коишто имаат животозагрозувачка болест и мора веднаш да бидат оперирани се приоритетни во операционите сали.
Оние другите, не толку итни пациенти се наредени и по стотици на број на таквата листа. На Клиниката за торакална и васкуларна хирургија пациентите со малигни болести чекаат најмногу две недели за да бидат оперирани.
Во изминатите четири месеци повеќе од триста пациенти со тешка болест имале хируршки зафат. Пациентите кои не се толку итни, се повеќе од стотина и чекаат и повеќе од две недели.
На Торакална непречено се прегледуваат и третираат оние кои доаѓаат со итни упати за 24 часа и пациенти коишто се пренасочуваат од други клиники. Тоа се одвива според сите протоколи за лица со симптоми на Ковид-19 и преку тестирања веднаш при приемот во болница.
Таква е состојбата насекаде и во сите болници. Но, не се проблем само оперативните зафати коишто не може веднаш да се изведат туку и чекањето за преглед и дијагностика.
Извори од Клиниката за гинекологија каде што се оперираат пациентките со рак на матка велат дека таму ниту една не е вратена и покрај целата новонаметната ситуација со коронавирусот.
Петар Догов