Македонија

Грција задутре го отвора преминот Евзони на границата со Северна Македонија

Грција задутре отвора седум гранични премини на копнените граници со Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Турција, соопшти портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на нашата земја, како што и беше претходно најавено, ќе биде отворен само граничниот премин Евзони (Богородица), додека пак кон останатите три земји отворени ќе бидат по два гранични премини.

-Од задутре, ќе биде дозволено и пристигнување на бродови од странство на грчките пристаништа. Во исто време, се отвораат точките за влез на Евзони, Какавиа, Кристалопиги, Промахонас, Нимфеа, Кастањес и Кипи. Владата продолжува да се подготвува за да обезбеди максимална можна заштита на здравјето на работниците во секторот, на жителите на туристичките дестинации и секако на нашите посетители, рече Пецас.

Сепак, во однос на влезот во Грција на државјани од трети земји, портпаролот на грчката Влада, на брифингот со новинарите објасни дека ги очекуваат одлуките од Европската Унија. Рече дека станува збор за тешка дискусија и потребно е да се согласат сите земји, но истакна дека доколку не се постигне договор на европско ниво, Грција ќе ја соопшти нејзината позиција.

-За среќа стасани сме до фаза во која постои листа на земји што по писмена процедура се испраќа до државите членки за до утре да имаме финализирање на оваа листа на земји. Во секој случај, ако не постои договор на европско ниво, најдоцна до утре ќе ја знаете позицијата на Грција, бидејќи од 1 јули ги отвораме сите наши порти за светот, објасни Пецас.

Медиумите во Грција, во изминатите денови, повикувајќи се на извори од ЕУ, пишуваа дека за одреден број трети земји ќе се продолжи забраната за летови кон земјите од унијата, а меѓу државите за кои ќе важи забраната се споменуваше и Северна Македонија, односно дека нема да бидат дозволени летови од нашата земја кон јужниот сосед.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Предложените измени на „балансерот“ ги поделија партиите

Дејан Дејан

Тренчевска: Линеарното зголемување на пензиите за сите пензионери не е добро

Дејан Дејан

Сопругот на 32-годишна жена од тетовско која почина на КАРИЛ бара одговори – зошто обичната операција за вадење камен од бубрег завршила со смртен исход

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе