Од утре во Собранието, а наредните недели низ лидерски разговори чиј датум и формат `се уште не се дефинирани. Тука ќе се бараат одговорите на бројните политички барања, од кои најважните „го чепкаат“ и Уставот.
На утрешната координативна средба во Собранието, ВМРО ДПМНЕ ќе отвори дијалог за укинување на Пржинската Влада, но и за намалување на бројот на пратениците, за спојување на изборните единици од шест во една и за воведување изборен праг. За повеќето прашања е потребен нов закон, но за бирање 90 наместо 120 пратеници се потребни уставни измени. Најголемата опозициска партија објаснува дека бараат промени низ транспарентна постапка.
„Кога се поставува прашањето за менување на Уставот, за 90 пратеници и една изборна единица, ВМРО ДПМНЕ е транспарентна, ја информира јавноста и е подготвена да разговара со сите партии. Тоа е разликата меѓу нас и власта предводена од Ковачевски. Ќе потенцирам – сите овие предлози и разговори се со една цел: што поскоро да имаме предвремени избори“, изјави Миле Лефков од ВМРО ДПМНЕ.
ВМРО ДПМНЕ изразува подготвеност, ако е потребно и во корист на граѓаните, да се разговара и за „дополнителни права на албанците“. А од ДУИ вчера дојде токму таква порака.
„Ако се отвара Уставот, ДУИ ќе бара укинување на ограничувањето од 20 одсто за употреба на албанскиот јазик“, порача вицепремиерот Артан Груби.
И тоа веројатно не е `се, доколку Уставот се отвори за секакви промени и ако се има предвид согласноста на Владата за внесување на Бугарите, а по нив и на Хрватите и на Црногорците во Преамбулата.
Од СДСМ велат дека последново прашање може да се решава до влегувањето на земјата во Европската унија. А за сите прашања поврзани со избори бара отворена дебата и небрзање, бидејќи терминот за редовни избори е во 2024.
„За сите овие прашања треба да има дебата и врз призма на сериозен консензус од сите политички партии да ја донесеме одлуката за сите овие прашања. Сите тие треба да се решат во периодот што следи, но за сето тоа имаме две и пол години бидејќи редовните избори се во 2024-та година“, рече Дарко Каевски од СДСМ.
Уставот, донесен во ноември 91, е менуван повеќе пати преку амандмани. Последниот пат, во јануари 2019, заради додавање на придавката „северна“ во името на државата. За оваа промена беа потребни три ипол месеци. Постапката минува низ три фази, а почнува и завршува со дво-третинско гласање во Собранието. Заради тоа, „истиот пакет не ги собира“ сите барања на едно место: и брзи избори, и намален број пратеници, и изменет изборен модел, и укинат цензус за албанскиот јазик, и законски и уставни измени, а пред `се, консензус од сите политички фактори.
Соња Николовска