Претседателите на Соединетите американски држави и Русија оценија дека нивните разговори во Женева биле водени во позитивна и конструктивна атмосфера , но има малку знаци за конкретен прогрес на првиот самит на лидерите на двете најмоќни и ривалски позиционирани држави, по 2018-тата година.
Несогласувањата беа лоцирани, изјави американскиот претседател Џо Бајден оценувајќи дека неговиот впечаток е дека Русија не посакува нова Студена војна.
Путин, од своја страна, изјави дека Бајден е искусен државник и дека двајцата зборуваат на истиот јазик.
Двете страни се согласија да започнат дијалог на високо ниво за контрола на трката во нуклеарното вооружување, како и за враќање на амбасадорите на своите земји во Москва и Вашингтон. Дипломатските претставници беа повлечени во март, откако САД ја обвини Русија дека се меша во претседателските избори од минатата година.
“Јас го направив тоа заради што дојдов тука. Прво, да ги идентификуваме областите на практични постапки кои нашите држави можат да ги направат, за нашиот заеднички интерес и во корист на светот. Второ, директно да пренесам, дека САД ќе одговорат на секоја постапка која ги загрозува нашите витални интереи или интересите на нашите сојузници. Трето, јасно да ги пренесам приоритетите на нашата држава и нашите вредности. Тој тоа го слушна директно од мене. Морам да ви кажам дека тонот на разговорите, мислам дека беа 4 часа, беше добар, позитивен” – изјави американскиот претседател Џо Бајден.
“Како некоја општа оценка, јас верувам дека немаше некакво непријателство, напротив нашата средба беше конструктивна. Да, во многу прашања, ние имаме различни ставови, но според мене, двете страни изразија подготвеност да се разберат еден со друг и да бараат начини за приближување на позициите. Разговорот беше конструктивен” – вели Путин.
Бајден и Путин се договориле и за разговори околу можноста за размена на затворениците, осомничена за шпиунирање.
Сепак , има малку знаци за договор за другите прашања, вклучувајќи ја сајбер безбедноста, Украина и судбината на рускиот опозициски лидер, Алексеј Навални, кој во моментов служи две и пол годишна затворска казна во Русија.
Бајден објаснуваше дека грижата за заштита на човековите права е во ДНК-та на Соединетите држави, додека Путин цинично потсети на настаните од 6-ти јануари, кога толпата најверни следбеници на поранешниот претседател Трамп насилно влезе во Конгресот.
“Човековите права секогаш ќе бидат на масата, му кажав. Тоа не значи дека ја напаѓаме само Русија кога ги прекршуваат, туку ние сме такви. Како би можел да бидам Претседател на САД и да не зборувам против прекршувањето на нарушувањето на човековите права ? ” – смета Бајден.
“Тоа што го видовме, погромот, кршењето на законот и слично, нам ни е жал за американците и американскиот народ. Но, ние не сакаме тоа да се случува на нашата територија. Ќе направиме се што можеме тоа да го спречиме” – смета Путин.
Бајден на Путин му дал и листа на 16 објекти од критично значење за Соединетите држави кои не смее да бидат мета на сајбер напади, додавајќи дека доколку тоа се случи САД се и повеќе од способни да одговорат соодветно. Од своја страна рускиот лидер , посочил дека според податоците на самите американски служби, огромен дел од сајбер нападите се изведуваат токму од територијата на Америка.
Никола Илиевски