Политичките фактори во земјава имаат консензус дека за јазикот и за идентитетот не може да се преговара, колку и да ни е важно почнувањето преговори со Европската унија.
Претседателот Пендаровски, во интервју за белградскиот весник „Политика“, вели дека Македонија направи тешки компромиси со цел да стане полноправна членка на НАТО и во иднина – членка на ЕУ, но, „македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се, ниту пак би можеле да бидат предмет на какви било преговори“.
Слични пораки упати и вицепремиерот Никола Димитров на седницата на Советот за евроинтеграции. На бугарската страна и на земјите членки на Унијата им порача дека ако овој статус кво трае предолго, ќе стане инвестиција во антагонизам, а не во пријателство.
Опозицијата побара да се направи план за дејствување во три области: владеење а правото, реформа на администрацијата и безбедносните служби како и економската активност, иако има голем простор за скептицизам.
И стопанските комори очекуваат акцентот да се стави на економијата.
Советот за интеграции, во кој членуваат и претставници на стопанството и на локалната самоуправа, едногласно донесоа заклучок дека европската интеграција е наш приоритет, но билатералните прашања не треба да бидат дел од преговарачката рамка со ЕУ.
Соња Николовска