Војната во Украина ја разбуди Европа и денес е незамисливо од ЕУ да слушнете изјава дека во индите пет години нема да има проширување на Унијата, како што беше изјавата на Жан Клод Јункер во 2014 година. Сепак степенот на реформи и исполнувањето на преземените обврски од земјите-кандидати, постепеното пристапување, внатрешната реформа на Унијата, пред се принципот на одлучување и апсорпциониот капацитет, се тоа од што ќе зависи брзината на проширувањето, но пред се од политичката волја на земјите-членки. Ова се дел од констатациите изнесени на годишната конференција на Институтот за европска политика – „Форум Еуропеу“ одржан во Скопје, на кој Данска како земја актуелен претседавач со ЕУ на проширувањето му дава и нова вредност.
„Проширувањето е политика за безбедност, неопходност и апсолутно сте во право кога споменавте дека само пред неколку години имаше многу земји, вклучително и мојата, кои се колебаа во однос на проширувањето на Европската унија“, рече Пернил Далер Кардел, амбасадор на Данска за Македонија, Србија и Црна Гора.
Планот за раст е добар почеток за постепено, но и забрзано пристапување на земјите од регионот, но тој не е доволен. Според Лукаш Мацек, од Центарот „Гранд Европа“ при Институтот Жак Делор од Париз, овој концепт треба да биде што побрзо институционално преточен, со поголема ангажираност од институциите и да добие поголема политичка димензија.
„Постепеното интегрирање е многу добро ако се искористи сега како алатка. Ако с е користи за пет, девет, десет години, веќе ќе нема интерес“, рече Мацек.
Мацек притоа потсети на францускита позиција кон проширувањето, скептицизмот, но и константното барање за внатрешни реформи на Унијата, при што нагласи дека треба да се искористат идните две години до претседателките избори во Франција, во 2027 година, кога очекувано реториката против проширувањето ќе се засили.
За Берта Лопез Домeнеч, од Центар за европски политики од Брисел на проширувањето му недостига и конкретна временска рамка и план кога тоа би се случило.
Изјавија дека се очекува најмалку две земји да пристапат до крајот на мандатот, тоа е 2029 година, прецизираа дека тоа се однесува на Црна Гора и Албанија, проблемот е што немаме детали за тоа како и ќе се стаса дотаму“, рече Доменеч.
Отсуството на конкретни испланирани чекорите од Унијата кои водат кон идно проширување е недостаток кој мора да се отстрани смета, Андреј Лепавцов, директор на Директоратот за ЕУ при МНР.
„Концептот на постепена интеграција засега нема конкретни насоки како во иднина ќе се развие и тоа треба да престане. Значи треба да имаме конкретна насока и конкретен тајмлајн или временска одредница кои политики и кога ќе се имплементираат“, рече Лепавцов.
Врз проширувањето ќе влијае и идната долгогодишна финансиска рамка на Унијата, кој сега е фокусирана на одбраната и според студија на ЕП, како што рече Лепавцов, тоа би условило влегување на една или ниедна земји од регионот во дадениот временски период.
Предизвиците на Македонија на патот кон ЕУ, според Христина Конеска Бероска, од Министерство за европски прашања, е јакнење на административниот капацитет на земјава за водење на преговорирте, транспарентно водење на процесите со вклучевање на граѓанскиот сектор во него, држење на политичкиот фокус на реформите и нивно испорачување, но и консензус во Собранието за носење носење на европските закони.
Тамара Грнчаровска