Кога на власта не и одговараат дискусиите од опозицијата, тие зборуваат за квази политики, за политиканство. Опозицијата е во парламентот да ја корегира власта. Да кажува што не е добро и што треба да се поправи. Таквите квалификации од власта, дека покажувањето вистинска грижа за настраданите во пожарот во Кочани и нивните семејства е политиканство, најмногу зборува за власта. Не зборува за опозицијата, изјави во вечерашната Топ Тема, пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска.
Таа оцени дека амандманот на буџетот кој беше предложен од опозицијата за помош во износ од 934 милиони денари за настраданите во трагедијата во Кочани, а беше отфрлен од парламентарното мнозинство, бил со цел да обезбеди континуирана здравствена заштита за повредените, социјална заштита, за сето она кое што во овој момент, најмногу им треба на повредените.
Тренчевска додаде дека во буџетот има само 30 милиони денари предвидени за поддршка и помош на настраданите во Кочани, што се малку пари.
„Многу ми е криво дека денес не сфатија дека граѓаните на Кочани, фамилиите, семејствата на настраданите заслужуваат поддршка од владата и не го изгласаа амандманот. Нема да застанеме овде. Тоа што го направија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН е срам за Собранието“ – изјави Тренчевска.
Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ, ги отфрли обвинувањата на пратеничката од СДСМ, подвлекувајќи дека власта е фокусирана на системска поддршка на овие граѓани од Кочани а не на ад хок поддршка како што го прави опозицијата.
Според Петрушевски, оваа несреќа е резултат на лошо изграден систем, во што учествувале токму и луѓето кои се и пратеници а претходно биле министри во владата, додавајќи дека да направиле тие поквалитетен систем, ќе имало и простор државата да реагира поквалитетно.
Тој негираше и дека целата помош за настраданите во пожарот во Кочани се реализира единствено преку граѓанскиот сектор и организацијата Support Кочани.
„Сите повредени беа згрижени во странство со што се оневозможи минимизирање на дополнителни човечки жртви. Тоа е факт кој секој еден треба да го признае. Сите беа згрижени, добија квалитетна здравствена нега и тоа овозможи да имаме помалку жртви. Тоа е функција на државата и државата тоа веднаш го направи и тоа е добро. Сите нивни потреби ќе бидат реализирани и нема потреба од вакви политиканства што ги прави СДСМ“ – изјави Петрушевски.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека не сакаат да дозволат туѓата несреќа да биде злоупотребена за политички потреби.
„Нека не се грижи опозицијата, ние не сме како нив, ние нема да ги оставиме овие граѓани, како што тие ги оставија семејствата од модуларната болница од Тетово, од Ласкарци и Беса Транс.“ – изјави Петрушевски, додавајќи дека секоја помош која им е потребна, ќе биде обезбедена од државата. државата.