Ако сакаме да ја градиме Европската Унија (ЕУ) како „мултифункционална зграда“, тогаш паралелно со реформите што ги преземаат земјите кандидатки за членство при процесот на проширување, мора да се извршат и внатрешни реформи во рамките на институциите на ЕУ за да се обезбеди нејзино прилагодување, изјави претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во интервју за португалската агенција Луса.
„Ако во иднина сакаме да се движиме во нови области, природно е оваа мултифункционалност да продолжи да се развива во рамките на Унијата. Тоа е прашање кое неизбежно ќе биде дел од претстојните дебати“, вели Кошта во интервјуто по повод истекот на шест месеци од неговото преземање на должноста.
Според Кошта, Самитот на НАТО во Хаг, одржан минатата недела, ги разрешил сомнежите околу иднината на Алијансата.
„По неколку месеци во кои имаше сомнежи дали Трансатлантскиот сојуз ќе преживее, сите партнери изразија желба да останат обединети, да ги зајакнат односите и се согласија за нови цели за зајакнување на Алијансата, која, се додека не се докаже спротивното, останува најефикасната колективна одбранбена сила на глобално ниво“, вели Кошта.
Тој оценува дека договорот постигнат на Самитот на НАТО за зголемување на одбранбените трошоци може да има „позитивно влијание“ и врз трговските преговори меѓу ЕУ и САД, за кои се надева дека ќе завршат „брзо и успешно“.
„Очигледно е дека договорот што Европејците го постигнаа со Американците во рамките на НАТО, може само позитивно да влијае на трговските преговори. Дури би рекол дека логична последица од договорот постигнат во НАТО ќе биде позитивен ефект врз трговските преговори“, смета Кошта.
Според него, овие преговори би требало да завршат што побрзо и да ги разјаснат работите, бидејќи нивното пролонгирање само ја продолжува неизвесноста.
„Она што ќе го договориме треба да биде позитивно и за двете страни или барем најмалку негативно можно и за двете“, нагласува Кошта.
Кога станува збор за зголемувањето на инвестициите во одбраната, според Кошта, мора да се води сметка и за „зачувување на социјалната држава“, бидејќи во спротивно тоа би довело до „колективно самоубиство“ на ЕУ.
„Оние кои нудат избор помеѓу социјалната држава и трошењето за одбрана, всушност предлагаат колективно самоубиство, бидејќи никој не може да се мобилизира за одбраната, ако не биде заштитен неговиот начин на живот. А она што го дефинира нашиот европски начин на живот е токму постоењето на силна социјална држава“, вели Кошта.