Одлуката на новата германска Влада да ги одбие нерегуларните мигранти на границата, дури и доколку тие побараат азил е погрешна според поранешната германска канцеларка Меркел.
-Кога некој ќе каже „азил“ тука на германската граница, тогаш прво мора да се спроведе постапка – директно на границата, ако сакате, но постапка, рече Меркел во извадок од документарец прикажан денеска на германска ARD.
„Така јас го разбирав европското право“, рече Меркел, која порано ја водеше конзервативната Христијанско-демократска унија, владејачката партија која сега ја предводи актуелниот канцелар Фридрих Мерц, пренесува ДПА.
Меркел за потребите на документарецот се сретна со поранешни бегалци по повод 10-годишнината од нејзината значајна одлука да ги отвори германските граници за време на европската мигрантска криза во 2015 година. Оваа многу важна одлука дозволи стотици илјади мигранти, многу од нив со сириско потекло, да пристигнат во Германија.
Иако многумина оттогаш се населија во земјата, значително придонесуваат за економијата и стекнаа германско државјанство, потегот на Меркел предизвика реакција, а екстремно десничарската Алтернатива за Германија оттогаш доби на популарност на антиимигрантската платформа, посетува германската агенција.
Подоцнежните администрации се обидоа да го ограничат бројот на мигранти што пристигнуваат во Германија, а владата на Мерц откако ја презеде власта воведе строги прописи, вклучувајќи ја и контроверзната политика за враќање на барателите на азил уште од границата.