Вести Македонија

Одлични ученици на хартија, а слаби на тест – 27 ученици не влегоа во „Георги Димитров“

Дваесет и седум скроз одлични ученици, со сите петки во основно, не беа примени во гимназијата „Георги Димитров“ бидејќи знаењето не го покажале на хартија. Сите кандидати за оваа скопска гимназија полагаа приемен тест со можни 150 бодови. Последниот примен успеал да одговори точно на помалку од третина прашања и станал гимназијалец со освоени 45 поени. Останатите со помалку бодови не влегле во квотата иако сите донеле само 5-ки од основно образование. Родителите објаснуваат дека тестирањето било закажано набрзина, а децата веќе ги вратиле учебниците во школо.

„Во петок не известија дека во понеделник има испит. Без учебници, без време, децата беа скршени. Ваквиот начин на селекција е понижувачки за ученици кои со години имале одличен успех“, објасни родител.

Министерката за образование Весна Јаневска објаснува дека испитот е спроведен според законот, бидејќи сите пријавени имале ист просек, па морало да се направи селекција по знаење. По катастрофата на одличните во „Георги Димитров“ се размислува за законска промена со која ќе се ставаат реални оценки, а не само 5-ки по надворешен притисок.

„Не сум задоволна од успехот кој го покажаа скроз одличните ученици. Од 150 можни поени огромен број на ученици имаат помалку од 75, што значи помалку од половина, што не е задоволителна оценка. Оневозможивме промена на оцените во е-дневникот и бришење на изостаноци. Така ќе може да се следи дали се правени некои корекции. Во основно образование забранивме наставничкиот совет да поправа оцени“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.

Оваа година во „Георги Димитров“ конкурираа 309 ученици за 238 места. Од нив, 39 беа примени со поени од натпревари, а остатокот преку квалификациски тест. Полагањето беше по два предмети – македонски јазик и математика. Испитот го полагале 226 ученици, а примени се 199 од нив. Но, испитот повторно ги врати сомнежите- како се пишуваат петки во основно.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Синот на норвешката принцеза осомничен за три случаи на силување и 23 други кривични дела

Дејан Дејан

Врховниот Суд на САД ја ограничи моќта на судиите да ги блокираат извршните наредби на Претседателот Трамп на национално ниво

Дејан Дејан

Паднати дрвја и поплавени улици и патишта поради невреме во Тетово

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе