Ја тепал зашто му пречело што посегнала по играчките на креветот. Јавното обвинителство Скопје покрена обвинение за таткото кој ја удираше и се закануваше дека ќе ја убие својата 4- годишна ќерка. Обвинителството го гони за кривично дело телесна повреда, а бара и продолжување на мерката притвор, зарaди опасност од бегство и повторување на делото. За ова дело, кривичниот законик предвидува казна затвор од шест месеци до три години.
„Додека мајката приготвувала јадење, а оштетеното дете си играло со нејзините сестри, во еден момент се качило на креветот во дневната соба за да ги земе играчките. На тоа обвинетиот се вознемирил и започнал да му се обраќа на детето со груби навреди. Потоа започнал да манифестира и физички насилно однесување кон оштетеното дете, удирајќи ја ќерката со шлаканици по лицето“, велат од ОЈО.
4-годишната ќерка и претходно завршувала со модринки и набиеници, преку социјалните мрежи тврдеше мајката, која објави вознемирувачко видео од последниот инцидент и фотографии од претепаната ќерка. Јавноста е згрозена од насилството, а психолозите се погласно алармираат за последиците врз психофизичкото здравје на децата жртви на семејно насилство.
„Вакви трауми врзани за насилство знаат да бидат исклучително тешки и бара многу долг период, процес да се работи на нив и не секогаш се надминуваат во целост. Секогаш се прави индивидуална проценка и секако траумите знаат да влијаат и на тој начин на кој што потоа може и во текот на животот да попречуваат многу други процеси кои што треба да бидат нормални“, вели Фики Гаспар психолог.
Алармантни се и статистиките на МВР – минатата година 407 деца биле жртви на семејно насилство. Ова кривично дело минатата година го извршиле 667 сторители.
Најголем број биле мажи 614, а имало и 66 жени кои нанеле телесна повреда.
Најмногу го правеле кога биле во растројство,помал дел под дејство на алкохол, а имало и такви кои повредиле некого кога конзумирале дрога.
Алармантен е и бројот на жртви кој во 2024-та година бил 695.
Најпогодени биле жените, а голема е и статистиката на мажи кои претрпеле семејно насилство.
Симона Петровска