Три потврдени случаи на листериоза во изминативе шест месеци го вклучија алармот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) да упатат апел до граѓаните да бидат внимателни со храната која ја конзумираат, но и да упатат апел до надлежните институции да ги почитуваат критериумите за редовно и соодветно тестирање на истата. Според доктор Кочински, важно е особено во летните месеци, но и во текот на целата година соодветна проверка на храната и високо ниво на лична хигиена.
„Буквално секоја храна може да биде заразена. Тука најчесто се месото, месните производи, млекото и млечните производи, свежо овошје, зеленчук, риба. Така што има доста храна која може да биде заразена. Конзумирањето на пастеризирано млеко, проверката на храната, како и за другите цревни заболувања, па така и за листериозата“,изјави доктор Драган Кочински, епидемиолог во ИЈЗ.
Според директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, загрижувачки е фактот дека во одредени случаи се намалува бројот на анализи во лабораторијата на Институтот и се доведува под знак прашање кои се критериумите за проверка дали јадеме безбедна храна.
„Во 2014-та година имаме 3.640, додека во 2023-та година имаме 357. Тоа е драстично намалување на мострите кои се испитуваат во Институтот и ова се однесува само на делот кој што го добиваме од надлежните институции кои имаат инспекциски служби за испитување на храна и вода“, изјави Марија Андоновска, директорка на ИЈЗ.
За Бошко Стојкоски, кој е ангажиран во Сектор за инспекциски надзор при Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), без дилема сите испитувања се прават во лаборатории со акредитирани методи и се инсистира предност да имаат државните институции меѓу кои се и Факултетот за ветеринарна медицина и центрите за јавно здравје. Но, кој е критериумот во која лабораторија самите инспектори ќе ги однесат мострите за анализа.
„Пред се има и годишна наредба за самите оператри со храна кои што еднаш месечно треба да си ги однесат по нивни избор, брисеви или мостри од храната во лабораторија која што ќе ги изврши лабораториските испитувања со акредитирани методи, додека при официјални контроли инспекторите од АХВ изборот е на самостојниот инспектор кој има право да ги однесе во која сака лабораторија, но мора да биде со акредитирани методи“, вели Бошко Стојкоски од Сектор за инспекциски надзор при АХВ.
Запрашан кога би направиле анализа дали повеќе се во државни надлежни институции или во приватни лаборатории, Стојкоски со одговор:
„Според моите сознанија повеќе се носат во државните лаборатории“.
Во меѓувреме се реализираат мониторинг планови и програми, каде што преку јавни набавки лабораториите ја имаат можноста да аплицираат на јавниот повик и со најниската цена која ќе ја достигнат да ги добијат и испитувањата за кои аплицирале за таа тековна година, додава Стојкоски.
Нина Стефанова