На неколку месеци пред локалните избори, започна престројувањето на политичката сцена во земјава. Партијатa ДОМ објави дека ја напушта коалицијата со Социјалдемократите и најавија самостоен настап. Од партијата порачаа дека своите сојузници ќе ги бараат меѓу граѓаните, а не меѓу политичките партии.
„Во оваа насока на исполнување на политичка волја на членството, ДОМ ја нуди својата структура, знаење и поддршка во сите општини каде што има луѓе со идеи, со интегритет, со врска со својата заедница и само за граѓаните“, соопштија од ДОМ
Промени се најавуваат и во албанскиот политички блок. Блерим Беџети од ДУИ, координатор на пратеничката група на Европскиот фронт, најави широка коалиција со поединци и партии кои, според нив, се незадоволни од Владата.
„Јавноста ќе биде известена за еден широк фронт, не само со политички партии. Со сите поединци, интелектуалци, граѓани, ќе имаме една широка коалиција, каде ќе биде изразена во форма на референдум ова незадоволство на Албанците и другите етнички заедници со овој арогантен пристап што го има Владата“, рече Блерим Беџети од ДУИ.
Од „Вреди“ (Влен) велат дека сѐ уште траат внатрепартиските анкети и дека наскоро ќе го објават кандидатот за градоначалник на Струга. На нападите од Европскиот фронт возвратија дека Албанците со оваа Влада уживаат заслужен статус.
„Влен го претставува целосниот легитимитет на албанскиот народ, нешто што силно и јасно го докажавме на последните парламентарни избори, со 107.000 освоени гласови, а уште појасно ќе го докажеме со апсолутната победа на претстојните локални избори“, рече Беким Ќоку од Влен.
Во македонскиот блок, најголемите партии веќе ги објавуваат првите кандидати. ВМРО-ДПМНЕ соопшти дел од имињата, додека останатите се очекува да бидат познати до крајот на јули. Сè уште траат внатрепартиските анализи и за кандидатот за Град Скопје.
СДСМ, пак, објави кандидати за неколку скопски и општини во внатрешноста. Според извори на Телма, партијата нема да кандидира градоначалници во Сарај, во Чаир, во Тетово, во Гостивар, во Дебар, во Струга и во Желино, туку ќе настапи само со советнички листи.
Емилија Мисирлиевски