Трагедијата во Кочани, но и пожарите што секое лето беснеат ширум земјата, ги отворија прашањата – колку и дали сме спремни како држава да реагираме при временски непогоди. Недостигот на кадар и возила што се стари по 40 години и натаму останува болна точка во противпожарната бригада.
„Ние не ги учиме лекциите од минатото и самиот факт што кажува дека Скопје има традиционално помеѓу 1.200 и 1.900 пожари. Тоа значи дека имаме една бројка која постојано се повторува. Кога би имале сериозен систем со развиена стратегија, со добро поставена концепција, главната интенција на институциите би требала да биде процентуално секоја година да се намалува бројот на пожари, применувајќи соодветни мерки и решенија кои ќе наложуваат одредени обврски за сите субјекти и учесници“, изјави Зоран Доревски, поранешен помошник министер во МВР.
Потребни се реформи за системот да функционира.
„Цел интегриран систем треба да се направи, каде што ќе се функционира и ќе се направи една пирамида која што ќе се знае од каде врвот почнува, па се надоле од командата, од командната структура до оперативниот дел до противпожарните единици“, вели Владимир Симоновски, поранешен национален координатор за намалување на ризиците од кризи и несреќи.
Македонија во моментов на располагање има еден Ер-трактор, а се очекува од сервис да пристигнат уште два. За алармантната состојба во главниот град претходно реагираше и командирот на противпожарната бригада, кој очекува ДЗС да набави поголем број противпожарни возила.
Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, во државата недостасуваат 340 пожарникари. Најголем број се потребни во главниот град, потоа во Куманово, во Битола, во Тетово и во Прилеп. Истражиле и дека не биле доволни ниту возилата, а од оние ште биле во функција имало и стари по повеќе од 27 години. Најстари се возеле во Крива Паланка, во Валандово, во Кратово и во Старо Нагоричане. Оние општини кои ја сфатиле сериозноста набавиле нови возила, но со просечна старост од 12 до 22 години.
Симона Петровска