Во текот на ноќта американските стратешки бомбардери Б – 2 ги нападнаа најзначајните ирански нуклеарни капацитети во Фордо, Натанз и Исфахан, во тоа што на почеток личи како сериозна ескалација на долготрајниот конфликт на Блискиот Исток.
Техеран со децении инсистира дека неговата нуклеарна програма нема воени цели туку ја разива исклучиво за цивилна употреба, но во исто време ја формираше и финансира озлогласената „Оска на отпорот“ на Блискиот Исток, чија примарна цел е уништување на Израел, а со тоа и ограничување на американското влијание во регионот.
Но, изминативе година и половина по грозоморниот напад на Хамас врз Јужен Израел, Тел Авив препозна стратешки прозорец да ги уништи, или во најмала рака да им предизвика голема штета на сите противници. Војната во Украина и светското внимание кое таа го привлекуваше, исто така играше голема улога во одлуката на Израел дека сега е моментот да се пресмета со своите непријатели.
Започна со разурнување на Појасот Газа, од каде што Хамас го лансираше нападот, и спроведе методична акција на размонтирање на најозлогласената палестинска организација. Треба да се напомене дека таа операција официјално се уште трае.
Откако проценија дека ситуацијата во Газа е до задоволителен степен под контрола, Израел се сврте кон Хезболах, кој беше сметан за далеку најериозната организација контра Еврејската држава.
Во координирана комплексна операција, Израел прво го десеткуваше лидерството и ја уништи неговата способност да спроведува команда и контрола врз стотината илјади борци на Хамас, пред копнено да интервенира и да ја разори неговата инфраструктура во јужниот дел на Либан.
Паралелно со овие операции, ИДФ повремено бомбардираше позиции на Хути бунтовниците во Јемен, кои лансираа ракети кон Израел, а западните земји беа принудени да испратат меѓународна флота да го гарантира безбедниот транспорт низ Црвеното Море откако Хутите започнаа да таргетираат бродови.
Во текот на целиот овој период Иран опстојуваше на својата заканувачка воинствена реторика, но беше приморан да гледа како Израел лесно ги размонтира овие организации кои Техеран со децении ги градеше.
Убедени дека заканите ќе бидат доволни да го заплашат и одвратат Израел од директна конфронтација со Иран, теократскиот режим во Техеран ја потцени решителноста на Тел Авив, а особено на премиерот Бенјамин Нетанјаху кој цела своја политичка, а претходно и дипломатска кариера, пропагира негово уништување.
Речиси три децении Нетанјаху трпеливо и методично работеше на убедување некоја американска администрација да интервенира против Иран на Блискиот Исток. Искористувајќи ја војната во Украина која ја преокупира Европа, Нетанјаху се чини дека конечно успеа да принуди еден американски претседател да го поддржи Израел во војна против Иран.