Решавање на деценискиот проблем со конечни а не времени решенија, бараат жителите на радовишките села Бучим и Тополница кои во најголемите жештини повторно се без вода.
Повеќе од четириесет години мештаните на овие населени места пеш или со возила минуваат и по неколку километри за да довлечат вода со канистри во нивните домови.
Во селата ниту има доволно, ниту чиста вода. И двете села се на периферијата на рудникот Бучим и сите проблеми ги поврзуваат со работата на овој индустриски објект.
За жителите е несфатливо како се оставени без основен ресурс за живот и иако досега им ветувале решавање на рпболемот и од рудникот и од општината, водоводот не е ниту на повидок за изградба.
Соочени со проблемот, сами изнаоѓаат времени решенија, како бушење на извори со техничка вода. Но, тие чинат и по неколку илјади евра, а малку семејства можат да си дозволат таков зафат.
Општина Радовиш има готов проект за изградба на водоводот, но велат дека немаат средства за почеток на изградба.
Се надеваат дека ќе обезбедат пари преку странски фондови и водоводот во населените места ќе се изгради следните години.
Сузана Мицева