Судот да донесе ослободителна пресуда за Александар Ѓорчевски побара адвокатот на таткото на Вања во завршниот говор. Ѓорчевски од овој суд не бара милост или одлука поради сожалување и емпатија кон него, бара праведна судска одлука со која ќе бидат казнети сторителите, судска одлука со која ќе ги дознае мотивите и вистинските причини за овој монструозен чин и одговор на прашањето, зошто токму тој и неговото семејство се одбрани да бидат до крајот на животот осудени да живеат со огромна празнина, тага и болка, рече адвокатот Туфегџиќ. Според одбраната, обвинението за таткото на Вања е паушално и неосновано, а обвинителката поради сопствената немоќ и немање докази се обидела морално да го понижи Александар Ѓорчевски.
„Застапникот на обвинението немаше доблест да го повлече обвинението иако е свесен дека нема докази. Самиот јавен обвинител на 11 јуни 2025 година кажа не постојат докази за поврзаност или комуникација меѓу таткото и Љупчо Палевски. Меѓутоа, имајќи ги предвид сите аспекти ќе бидам до крај резервиран и внимателен, бидејќи не сакам да верувам дека овој судечки совет ќе пристапи кон некакви си компромисни одлуки, пред се раководени од трошоците на постапката кои треба да му припаднат на Александар после завршувањето на постапката и објавувањето на ослободителната пресуда“, изјави Владимир Туфегџиќ, адвокат на Александар Ѓорчевски.
Ослободителна пресуда побараа и адвокатите на Влатко Кешишев и Боре Видевски, затоа што обвинителството не понудило докази.
„Kонкретна снимка со прикажан негов лик, конкретен друг материјален доказ во вид на трага од ДНК или нешто друго ние не видовме на сите досегашни расправи. Затоа сметам дека Јавното обвинителство најмногу погреши во оваа постапка. Имаме едно конструирано обвинение“, изјави Бојан Манев, адвокат на Видевски.
„Тој нема преземени никакви дејствија, ниту како извршител, ниту како соизвршител на ваквите кривични дела. Особено претпоставувам дека судот ќе го има в предвид неговиот страв, неговото заложништво што го чувствувал во однос на првообвинетиот Палевски, поради што и дејствувал по наредбите на Палевски“, вели Игор Ефремов, адвокат на Кешишев.
Бранителот на Велибор Манев побара ослободителна пресуда за обвиненијата за убиствата и соодветна казна за грабнувањата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски.
„Обвинетиот негира дека ги извршил убиствата. Немал претходен договор со другите обвинети за такви кривични дела, нема умисла за убиства. Инкриминираните дејствија кои ги презел при извршувањето на кривичните дела грабнување, немаат елементи да претставуваат особен придонес кон извршувањето на делото убиство“, рече Горан Бошевски, адвокат на Манев.
На следното рочиште завршен збор треба да даде адвокатот на Љупчо Палевски и петмината обивнети. Јавно обвинителство во завршните зборови побара максимална казна доживотен затвор за четворицата обвинети Палевски, Кешишев, Видевски и Манев, а за Ѓорчевски, таткото на Вања, побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна.
Елена Ивановска Мукоски