Иран никогаш не смее да поседува нуклеарно оружје е ставот на лидерите на групата Г7, преточен во заедничка изјава на самитот во Канада. Ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток и конфликтот меѓу Израел и Иран беше главна тема на дискусија. Но, некои други теми, сепак, донесоа спротивставени мислења, од руската агресија во Украина до „царинската војна“.
Членовите на групата седум најразвиени земји повикаа на решение за иранската криза, што би довело до целосно деескалирање на непријателствата на Блискиот Исток, вклучително и прекин на огнот во Појасот Газа. Пред сè, се нагласува заштитата на цивилите во сите области. Американски функционер, пак, денеска изјави дека претседателот на САД, Доналд Трамп нема да го потпише нацрт-документот на Г7 со кој се повикува на деескалација меѓу Израел и Иран.
Трамп го напушти самитот порано од најавеното, со образложение од Белата куќа дека „морал итно да оди во Вашингтон за дополнително да се посвети на проблемите на Блискиот Исток“.
Американскиот претседател пред самитот рече дека исклучувањето на Русија од Г7 е голема грешка. Групата Г7 ја сочинуваат САД, Канада, Велика Британија, Германија, Франција, Италија и Јапонија.