„Скопската зоолошка е куќа на смртта!“ – со овие зборови советникот на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, Стефан Кирков, ја критикува работата на градската Зоолошка градина, откако јавноста дозна за угинувањето на мајмунка од загрозениот вид сијаманг. Кирков обвини дека институцијата се обидела да го скрие случајот.
„Станува збор за бактериска реакција. Најнови информации кои можам да ги споделам со вас е дека патолошкиот наод веќе покажува дека станува збор за карциномско заболување. Испитувањата се направени на почеток на месец, а до денеска иако сме 16-ти немавме никаква информација за тоа“, изјави Стефан Кирков, советник од град Скопје.
Според него сомнежите се дека животното било заразено преку загадена храна или нечистотија во живеалиштето.
„Од тој вид беа две единки во ЗОО. Излегува дека претпоставувале дека единката е трудна за на крај да излезе дека се сомневале на болест. Нивната непрофесионалност оди до тој степен да работат со претпоставки кога се работи за здравјето на животните“, додаде Кирков.
Од Зоолошката велат дека точната причина за смртта ќе биде објавена штом стигнат официјалните резултати од обдукцијата направена од Факултетот за ветеринарна медицина. Потврдија дека животното не било бремено, како што претходно се шпекулираше, и додадоа дека сите животни се под постојан ветеринарен надзор.
„Во врска со угинатата женка од видот сијаманг, Ве известуваме дека точните причини за смртта ќе ги објавиме веднаш штом ги добиеме официјалните резултати од обдукцијата направена од страна на стручни лица од Факултетот за ветеринарна медицина, со цел поголема транспареност, како што тоа е пракса и од минатато“, соопштија од ЈУ Зоолошка градина Скопје.
Ова не е првпат во Зоолошката да има угинати животни. Пред две години актуелен беше случајот и со угинувањето на жирафата Каспер.
Тамара Марковска