Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси изјави дека е длабоко загрижен поради израелските напади врз иранските нуклеарни капацитети.
Постојано нагласувам дека нуклеарните капацитети не смеат да бидат напаѓани, без разлика на контекстот или околностите, бидејќи можат да настрадаат и луѓетп и животната средина. Таквите напади имаат сериозно влијание врз нуклеарната безбедност и заштитните мерки, но и врз регионалниот и глобалниот мир и стабилност, изјави Гроси.
Тој ги повика сите страни да покажат максимална воздржаност за да се избегне дополнителна ескалација, предупредувајќи дека било каква воена акција која ја загрозува безбедноста на нуклеарните објекти претставува ризик од ужасни последици врз народот во Иран, регионот, но и подалеку.
И покрај моменталните воени акции и зголемените тензии, јасно е дека единствениот одржлив пат напред, за Иран, за Израел, за целиот регион и меѓународната заедница, е пат заснован врз дијалог и дипломатија за да се гарантира мирот, стабилноста и соработката, додаде Гроси.
Само вчера Меѓународната агенција за атомска енергија и официјално за прв пат по 20 години го прогласи Иран дека ги прекршува обврските за неширење на нуклеарното оружје.