Две обвиненија. Едно за нарачување на убиства на девет лица од страна на криминалната група Беланоца/Барон и група поврзана со нив. Друго за дилање на дрога за 10 лица од групата на Раде Трајковски Штекли. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го гони Фатљум Ајети Тоте, лидерот на Беланоца/Барон дека од затвор нарачал четири убиства.
„Најстарото убиство е од 2014 година. Првата група нарачува и извршува, со логистика, четири убиства од кои едното е двојно убиство. Мотивите се различни. Тие се по порачка, поради ниски побуди. Познати се „Шиша бар“ и убиството во Ханиоти“, информираат од ОЈО ГОКК.
Тогаш беа ликвидирани лидерите на спротиставената група Дуќанџик/Грчец, Јетон Кривањева Жила во „Шиша бар“, како и Орхан Бајрами Оки на Халкидики. Убиен во локалот во Стара чаршија беше и Енес Ибраимов Љаци.
Додека, пак, Зулќуфли Нуредини од селото Батинци, познат во скопското подземје како Мали Репки се гони дека нарачал три убиства. Едно е двојно, а три лица кои се осомничени се наоѓаат во бегство. Еден од преживеаните ги препознава и посочува напаѓачите. И Мали Репки од затвор ги нарачувал убиствата и се правеле планови како да му се одземе животот и на сведокот за да нема кривична постапка.
Мотивите за убиствата биле најразлични. Едно од нарачаните убиства било врз лице кое наводно ги предал на надлежните институции две лица поврзани со убиствата на Смилковското езеро. Едниот кој е осуден, а другиот кој е во Косово. Овие обвинети се гонат и за изнуди, закани, злосторничко здружување, но и тешки дела како палење на објекти и возила. Палењата ги вршеле млади лица за мали парични износи.
Другата група на Раде Трајковски Штекли, врз кој три пати имаше обид да биде ликвириран, броела уште 16 лица. Обвинети се за трговија на дрога, кокаин и марихуана. Седум од нив веќе се спогодиле со обвинителството и добиле затворски казни од три до пет години. Станува збор за продавачите на дрогата.
„Раде Трајковски Штекли и Беланоца/Барон имаат меѓусебна комуникација. Лојалност меѓу нив нема и не прават заедно кривични дела“, велат од ОЈО ГОКК.
Групата на Штекли ја криела дрогата на градежно земјиште во државна сопственост. Дрога продавале и на интернет, но најчесто во кафуле во Аеродром без за тоа да знае сопственикот.
Марија Митевска