Европската комисија (ЕК) ги прекршила правилата за транспарентност, односно Регулативата за пристап до документи, со оневозможување пристап до СМС пораките разменети меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и првиот човек на „Фајзер“, Алберт Боурла. Вака гласи пресудата на Суд на правдата на ЕУ за т.н. „Фајзергејт“, во кој новинарка на „Њујорк Тајмс“, Матина Стеви и самиот весник во 2023 покрена процес против Комисијата за необезбедување пристап до текстуалните пораки разменети меѓу Фон дер Лајен и Боурла во 2021 прва, околу набавката на вакцините против Ковид-19 во вредност од 2,4 милијарди евра, со можност за дополнителни 900 милиони.
Судот притоа во пресудата наведува дека Европската комисија не дала веродостојно објаснување за отфрлање на барањето на новинар за пристап до пораките. Комисијата само навела дека такви пораки не постојат, но без да даде веродостојни докази за тоа додека новинарката и „Њујорк Тајмс“, пак, дале веродостојни докази за постоење на текстуални пораки меѓу извршниот директор на „Фајзер“ и Фон дер Лајен.
„Комисијата не даде веродостојно објаснување за да го оправда непоседувањето на бараните документи. Покрај тоа, Комисијата не разјасни доволно дали бараните текстуални пораки биле избришани и доколку е така, дали бришењето било направено, намерно или автоматски или дали мобилниот телефон на претседателката бил заменет во меѓувреме. Комисијата, исто така, не успеа да објасни на веродостоен начин, зошто сметала дека текстуалните пораки, разменети во контекст на набавката на вакцини против Ковид-19, не содржеле важни информации или информации што предвидуваат следење, чие чување мора да биде обезбедено“, се наведува во пресудата на Европскиот суд на правдата.
Комисијата, во соопштение по пресудата, наведе дека требало да даде подетално објаснување во својата одлука дека не поседува бараните документи.
„Транспарентноста отсекогаш била од најголема важност за Комисијата и претседателката Фон дер Лајен. Ќе продолжиме строго да се придржуваме до цврстата законска рамка што е во сила за спроведување на нашите обврски“, се наведува во реакцијата на Комисиата.
Сепак, од Комисијата наведуваат дека сега внимателно ќе ја проучат одлуката на Судот и ќе се решат за следните чекори. Таа има можност за жалба до Европскиот суд на правдата во рок од два и пол месеци.
„Њујорк Тајмс“, пак, во својата рекација наведува дека одлуката на судот е победа за транспарентноста и одговорноста на Европската унија, што, според весникот, испраќа силна порака дека периферните комуникации не се надвор од дофатот на јавноста.
Според познавачите на состојбите во Брисел, пресудата најверојатно ќе има огромни последици врз транспарентноста и одговорноста во ЕУ и ќе нанесе огромен удар врз угледот на претседателката на Комисијата, Фон дер Лајен.
Тамара Грнчароска