Вести Македонија Топ вести

Убиство со пиштол купен за 1 100 евра, девојка-возач за бегство и многу мистерии дали за штипската престрелка на турски државјани е одговорна дрога, девојка или одмазда

(ФОТО ГРАФИКА: ТВ Телма) Во бел форензички комбинезон бидејќи облеката му е земена на вештачење, осомничениот за убиство на свој сонародник,  21-годишникот од Турција доцна синоќа беше однесен во штипскиот суд кој му определи 30 дена притвор.

Ден претходно, осомничениот ладнокрвно и со потези на платен убиец застрела 25 годишно момче исто така турски државјанин- во кафуле во центарот на Штип. Употребил немаркиран пиштол на кој биле избришани податоците, соопшти обвинителството.

-Постои основано сомнение дека првоосомничениот 21-годишник, на почетокот на месецов во Скопје, од непознато лице за сума од 1.100 евра купил пиштол со калибар од 9мм, со избришани податоци за модел и сериски број. Потоа со тој пиштол, на 8 мај во вечерните часови, во кафе-бар во Штип, со умисла и од безобѕирна одмазда лишил од живот едно лице, исто така турски државјанин со престој во Штип, стои во соопштението на обвинителството.

Обвинителството соопшти дека осомничениот и убиениот претходно преку мобилни комуникациски алатки се договориле да се сретнат „за наводно да ги надминат долготрајните недоразбирања меѓу нив“.

Засега обвинителството официјално не соопштува од каков мотив се долготрајните недоразбирања на двајцата иако се шпекулира дека станува збор за нарачано обиство поради долгови за дрога.

Убиениот во Македонија стигнал како студент, но од Штипскиот Универзитет потврдија дека во 2023-та бил испишан. Но, благодарение на тоа, си го продолжил престојот. Убиецот пак стигнал во Македонија пред убиството и со купениот пиштол го извршил злосторот. Потоа тргнал во бегство.

Со автомобил БМВ со регистрации наменети за возила на пријавени странци со престој, 4-ца турски државјани го придружувале во бегството и возеле пред убиецот кој кон Скопје патувал со такси. На патарината кај Миладиновци биле сочекани од полициска заседа, но убиецот избегал и бил фатен многу бргу од специјалците кои учествувале во потерата.

Немал оружје, но со полициски дрон бил пребаран просторот и е најден пиштолот.

Прибрани се докази, а полицијата од повеќе оддели меѓу кои и специјалците на МВР учествувале во брзата акција за апсење на осомничениот и неговите помагачи, информираше министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.   

Неговата претходница биле момче и девојка со престој во Скопје, а автомобилот БМВ го управувала 22-годишна девојка. Тројцата мажи од колата-чистач на патот за бегството на убиецот биле уапсени на патарината, но девојката-возач сакала да избега.

Ама со БМВ-то, девојката излетала од патот. И помагачите се изведени пред суд и добија 30 дена притвор. Истрагата продолжува и се проверува скопската врска на осомничениот за убиството.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има – ова беа дел од пораките на маршот во Кочани

Дејан Дејан

Индија го обвини Пакистан за прекршување на договорот за примирје

Дејан Дејан

Песков: Русија ќе го разгледа предлогот за триесетдневен прекин на огнот во Украина

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе