Загрижувачки се податоците за менталното здравје на децата, велат операторите на телефонската линија „Ало Бушавко“ кои алармираат за зголемен број на повици и самоубиствени мисли. Страв, вознемиреност, гнев и загриженост за себе се најчестите причини поради кои децата се јавувале.
„Според податоците на годишниот извештај за 2024 година, линијата опслужи вкупно 208 повици, помагајќи на 222 деца и млади лица. Според возрасната група, најголем број од пријавите биле од деца од седум до девет години“, објасни Ангела Трајкоска, психолог и оператор на линијата „Ало Бушавко“.
„Лани имавме три обиди за самоубиство и добро е што ги решивме позитивно, од кои едниот обид беше со помош од Центрите за социјална работа и тимовите на МВР, кога заедно успеавме да спасиме еден човечки живот, а другите два беа решени само со помош од нашите оператори. Оваа година бројките говорат дека само за неколку месеци имаме пет случаи на самоубиствени мисли“, раскажа Драги Змијанац, директор на првата детска амбасада „Меѓаши“.
Директорот на првата детска амбасада „Меѓаши“, Драги Змијанац остро критикуваше дека институциите не реагираат соодветно, иако биле предупредени за потребата од јасни протоколи за постапување во случаи со самоубиствени мисли. Ги повика Министерствата за образование, здравство и демографија и млади на итна реакција.
„Немаше никаков одѕив од институциите, доколку се случи трагедија, а тие не преземат ништо тогаш тие ќе бидат соучесници“, смета Змијанац.
Во „Меѓаши“ добиле повици и по трагедијата во Кочани, главно од луѓе кои барале совет како да им бидат поддршка на блиските на настраданите. Тимот посетил и средно училиште во градот за да даде психосоцијална поддршка.
И покрај три децении постоење, линијата „Ало Бушавко“ сè уште не е дел од мрежата на национални СОС линии, поради, како што велат од „Меѓаши“, системски пречки.
Тие порачаа дека ќе продолжат да се залагаат за побезбеден онлајн простор за секое дете, но порачаа дека оваа борба мора да ја водат сите институции заедно.
Тамара Марковска