Консензусот повторно се покажува како пречка за Европската унија. Иако сите земји членки начелно се согласни за значително зголемување на трошењето на одбрана, сепак, начинот на кој тоа ќе биде финансирано се покажува како спорна тема, за која согласност беше постигната по повеќечасовни дискусии.
Лидерите заглавија на првата точка на дневниот ред, која се очекуваше да биде малку посериозна од чиста формалност, за разлика од втората, поддршката за Украина.
Откако Германија го приреди најголемото изненадување пред овој самит, напуштајќи ја нејзината децениска политика на фискален конзервативизам, со предлогот Комисијата да ги олабави фискалните правила, со што би дозволило значително поголеми инвестиции во одбраната на долг рок, беше потребно време да се убедат нејзините традиционални сојузници од северно европскиот блок.
Австрија, Шведска, Холандија, а донекаде и Данска, го немаат истиот ентузијазам како Германија за отворање на дискусија околу правилата на унијата за трошење, строго дефинирани по должничката криза пред деценија и половина.
Орбан, од кого сите очекуваа дека ќе биде првиот што ќе се испречи пред европското единство, веднаш се согласи за потребата од поголемо трошење на одбраната.
Но, се додека останатите лидери не се согласат како тоа ќе биде финансирано, не можат да започнат разговори како да го заобиколат, или затскријат неговото противење кон зголемување на поддршката за Киев.
Повеќе од јасно е дека Брисел е тој што ќе мора да пронајде начин да создаде простор за шефовите на држави и влади да се усогласат за сите овие прашања, затоа што е очигледно дека политиката на втората администрација на Трамп е да ја маргинализира Унијата, затоа што според неговото сфаќање на светот таа за САД претставува многу поголем конкурент, отколку секоја од индивидуалните членки.
Украинците, чиј претседател беше прво брутално посрамотен а потоа и „избркан“ од Вашингтон, се првите кои јавно предупредуваат за тоа.
Серијата преговори помеѓу САД и Русија, против чиј лидер е издадена потерница, го потврдува фактот дека Белата куќа, всушност се приближува до Кремљ. И на сите им е кристално јасно дека во тој случај, следната мета на Русија би можела да биде и самата Европа, изјави денеска украинскиот амбасадор во Лондон, Валери Залужни.
Истата политика на изолирање, по шоуто во Белата куќа Трамп засилено започна да ја спроведува и против Зеленски.
Неговите најблиски соработници ги продолжија нападите против украинскиот претседател, потенцирајќи ја потребата да распише избори, без разлика што една петтина од територијата на земјата е окупирана од Русија, што значителен процент од популацијата е регрутирана на фронтот во источниот дел на земјата, што милиони граѓани се раселени внатрешно или пак во странство, и што на голем дел од украинската опозиција ѝ е јасно дека избори се практично неспроведливи.
Но, тоа не ги спречува да се среќаваат со тие украинските опозиционери, трагајќи по кандидат кој ќе биде по подготвен за исполнување на сите американски барања. Политико денеска објави дека соработници на Трамп изминативе денови се сретнале со четворица лидери на украинската опозиција, од секогаш амбициозната Тимошенко, до Порошенко кој беше поразен од Зеленски.
Украинскиот претседател денеска во Брисел беше меѓу пријатели, и неговата земја сигурно ќе добие поголема поддршка од европските земји по запирањето на американската помош, но и нему му станува јасно дека дури и потпишувањето на договорот за минералите, што го бара Трамп, може да не биде доволно да ги поправи односите со американскиот претседател.
Игор Трајков