Македонија

Тенката линија помеѓу здравата комуникација и говорот на омраза – од двете страни на камерата

Популарни дебатни емисии, редовни гости и двете страни на камерата. Пред неа – тенка линија помеѓу здрава комуникација и говор на омраза. Зад камерата – последиците коишто ги сноси општеството кога ќе се премине границата.

Телевизијата не е поле каде што се очекува да се слушнат навреди, лични квалификации и несвојствен вокабулар. Но, што може да тргне наопаку?!

Комуниколозите препознаваат, младинските активисти реагираат и сите апелираат – да се преиспитаме и да видиме што да промениме.

Говорот на омраза е застапен во комуникацијата кај нас веќе години наназад. Индуциран е од политичарите, „негуван“ е од стремежот за власт и сето тоа е главна причина за креирање на непартиципативна политичка култура.

Ден-денес, политичарите и другите јавни личности не се воздржуваат од искажување говор на омраза во различна форма, па ниту на јавни дебати на телевизија.

„Непријатно е да се помислат, а камо ли да се повторат фразите кои во изминативе десетина години сме ги слушнале на партиските говорници, во дебатните емисии, прочитале во соопштенијата и реакциите на политичките партии во земјава… Да не зборувам за тоа дека не се помислува ни двапати пред која било индивидуа да се оцрни и да ѝ се залепи етикета само поради фактот што изразува личен или стручен став кој содржи несогласување со одредена владина политика или став на политичка партија. И сето ова води кон креирање на целосно нессодветна и сѐ порадикална политичка комуникација и непартиципативна политичка култура. Идејата на партиите е единствена и веќе не се ни крие, а тоа е задржување или освојување на власта, но по секоја цена“, вели Бојан Кордалов, комуниколог, во одговор за Телма.

Говорот на омраза не смееме да го поистоветуваме со слободата на говор. Ова е ставот на младинскиот активист, Стефан Атанасовски Трајковиќ. Тој ги лоцира последиците кои произлегуваат од недостатокот на здрава комуникација.

Проблем плус е што навредите, личните квалификации и недоличниот говор кај политичари и други јавни речиси секогаш најмногу добива на внимание и атрактивност во јавноста.

Впечаток е дека тонските парчиња и исечоци од емисии каде што со „сочен“ речник се служат учесници од дебатата, се најгледани и најкоментирани содржини на интернет, често засенувајќи ги другите поенти и аргументи коишто се вредни да се слушнат.

„Тенденција е граѓаните да се поистоветуваат со личностите кои добиваат јавен простор и се служат со говор на омраза. Кога ова го гледаат граѓаните, многу лесно можат да заклучат дека штом во јавниот простор се дава место за ширењето говор на омраза, тогаш можат и тие да се служат со истиот и тоа се нормализира. Говорот на омраза прави дефокус од општествено важните теми за кои исклучително е важно да имаме конструктивна дебата затоа што нѐ засегаат сите нас. Можеби говорот на омраза има потенцијал да биде вирален на социјалните мрежи и да предизвикува многу реакции, коментари и активност, но за сметка на ова вистинските проблеми и грижи на граѓаните како што се нивните приходи, потоа дали тие приходи можат да ги подмират основните човекови потреби и да обезбедат среќен живот, јавните услуги во здравството, образованието, инфраструктурата се ставаат во втор план“, вели во својот одговор за Телма, Стефан Атанасовски Трајковиќ, младински активист.

Кога станува збор за социјалните мрежи се доаѓа до заклучокот дека тие се „огледало“ на тоа што се случува во секојдневието. Тој простор е секому достапен, онлајн-објавите ги креираме ние луѓето, а потхранувањето со содржина преку која се нормализира нездрава комуникација директно се предизвикуваат фрустрации кај луѓето на долг рок.

„Сликата таму е полна говор на омраза и омаловажувања и секако дека не ни се допаѓа, ама реалноста е таа. Ако сакаме да ја промениме не треба да „ја лечиме“ последицата (во случајов социјалните мрежи) туку причината (во случајов начинот на кој комуницираат политичарите, како и начинот на општествена комуникација кој понатаму се рефлектира поради тоа)“, заклучи комуникологот Кордалов.

 

„Според мене, се повеќе стануваме „хејтерска нација“ што директно е резултат токму на нивото на кое се води комуникацијата во јавниот простор и поголемото присуство на говор на омраза. Како некоја зависност, следствено говорот на омраза прави на момент да се чувствуваме подобро со што и сами ги игнорираме реални предизвици и проблеми“, додаде младинскиот активист Атанасовски-Трајковиќ.

На адреса на јавните личности и лидерите на заедницата и овојпат пристигнува само апелот да водат со пример и да комуницираат конструктивно, а медиумите да понудат квалитетно новинарство наместо да „бркаат“ атрактивност.

Во спротивно, резултатот ќе биде општеството да живее изолирано во свој „свет“, негирајќи дека постојат различни убедувања и ставови, кои како да не препознаваме дека се еднакво релевантни и исправни како и нашите. Ова е заклучокот на нашите соговорници.

А, како обврска на надлежните останува задачата да креираат и да донесат доследна имплементација на строги регулативи насочени против говорот на омраза, по примерот на европските.

Петар Догов

Овој напис е подготвен во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нови дигитални услуги на МВР достапни на интернет

Дејан Дејан

Денес е Велика Сабота – денот меѓу смртта и воскресението

Дејан Дејан

Огромна брзина е причина за тешката сообраќајна несреќа во која има 3 жртви и 8 повредени, загинал и возачот, вели Тошковски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе