Апликацијата за попишување на иселениците тешко функционира. Добиваме реакции од Македонци во Германија, Холандија, Словенија, Катар и Чешка, дека претпладнево се обиделе да се попишат, но не им успеало. Кај едни апликацијата воопшто не се отворила, други успеале да влезат, но следните чекори биле невозможни.
Сајтот на Државниот завод за статистика, на кој се линковите за иселениците, претпладнево воопшто не се отвораше. Тие што успеале конечно да ја отворат апликацијата, се жалат дека воопшто не е прилагодена за мобилен телефон. Листите со одговори не се читале целосно или биле покриени со логото на фирмата, преводот на англиски е лош, а има и многу нејасни прашања, како тоа во кое се бара да се напише број на семејството.
Директорот на Државниот завод за статистика признава дека имало проблем, но тврди дека е надминат.
Нашите информации сепак говорат дека, проблемот се` уште не е надминат и дека има проблеми со пополнувањето на апликацијата.Од МНР не одговорија на нашите прашања, како се одвива пописот во странство, дали има интерес и дали има проблеми.
Покрај лични податоци, од иселениците се бараат и матичен број, место на живеење, кога се отселиле, која им била последна адреса во Македонија, каде престојуваат, колкумина во семејството се македонски државјани. Треба да внесат податоци и за етничката и религиска припадност, за тоа дали имаат и странско државјанство, кога последен пат биле во Македонија, колку често доаѓаат во посета.За малолетните лица, податоци дава родителот или старателот.
Далиборка Цветановска