Вести Свет

Американскиот Конгрес го потврди изборот на Трамп кој ветува амнестија на оние кои се осудени за крвавиот упад во Конгресот пред 4 години во обид да се поништи победата на Бајден

Пред 4 години беше крваво, насилно и мачно- овој 6-ти јануари, ден кога Конгресот на САД врши ратификација на електорските гласови и официјално го прогласува новиот американски претседател, помина мирно и во брза демократска процедура беше потврдено дека Трамп има освоено доволно електорски гласови.

Како претседавач на Сенатот, процедурата ја водеше конкурентката на Трамп, досегашната потпретседателка Камала Харис. Таа изгуби на изборите, а по церемонијата рече како и секогаш ќе го почитува Уставот на САД и американската демократија во која секој глас значи и се вреднува.

-Денес очигледно e многу важен ден, се однесува на тоа што треба да биде норма и тоа што американскиот народ треба да го прифати, а тоа е дека еден од најважните столбови на нашата демократија е мирен трансфер на власта, порача пред новинарите по церемонијата Харис.

Трамп по еден мандат пауза се враќа во Белата Куќа, а победата ја просави во негов стил, со порака преку од него формираната социјална мрежа -Truth social, која беше направена откако големите социјални мрежи го избришаа Трамп поради ширењето на тврдења за кражба на минатите избори и повици да се спречи мирниот трансфер на власта.

-Конгресот ја потврди нашата голема изборна победа – голем историски момент. Да ја направиме Америка, најдобра, повторно, МАГА! – напиша Трамп.

Сега е нов претседател, направи историски успех, но за минатиот “6-ти јануари“ беше осомничен и притворен за повиците да се спречи трансферот на власта и изборот на Бајден.

Денеска одбележување на тој крвав настан од американската историја изостана, но веднаш по потврдата и издадениот претседателски сертификат на Трамп, се засилија тврдењата и желбите, новиот американски претседател да ги помилува осуденити за упадот во Конгресот од пред 4 години.

Прв, со барање за амнестија од претседателот, се јави затвореникот со најдолга казна. Енрике Тарио, иако со кубанско-африканско потекло, беше еден од водачите на белечката есктремно десничарска организација „Горди момчиња (Proud boys)“ и учествуваше во упадот во Капитол пред 4 години. Судот во Флорида го осуди за заговор, а точките на обвинение содржеа точки како  организација, планирање и вооружување за нападот. Му изрече казна затвор од 22 години, но денеска неговиот адвокат побара Трамп да го амнестира.

На листата на осомничени имаше над 1 500 учесници во упадот, меѓу нив се уште е и Трамп којшто и официјално беше уапсен. Беа поднесени над 900 обвиненија за федерални кривични дела, а стотици веќе се осудени.

Казните се движеа од условна и 15-дневен затвор до максималните досега, 22 години затвор, за веќе спомнатиот Тарио. Помали казни имаше за оние кои го признаа делото, па така напаѓач кој удрил полицаец со држач за знаме доби 4 години и 4 месеци затвор откако призна дека извршил три кривични дела и преку писмо му се извини на нападнатиот полицаец. Но, припадниците на неонацистичките организации, како и повеќе напаѓачи на полицајци добија двоцифрени затворски казни.

Трамп останува на ставот да подели амнестија, но на тоа јавно се спротивстави шефот на полицијата на Капитол (Капитол има сопствени полициски сили) кој оцени дека тие што ги нападнале или ги довеле во опасност животите на полицајците и го прекршиле Уставот со упадот не треба да бидат помилувани.

Темата за амнестија и за 6-јануарскиот напад врз Капитол се пресели и меѓу приврзаниците на Трамп кои бараат осудените да се пуштат од затвор, но некои од републиканските конгресмени веќе јавно побараа да не се ставаат сите во ист кош, туку напаѓачите врз полицајци и војници да си ги довршат казните.

Како последица на нападот во Капитол, полициските сили тврдат дека еден нивен колега починал по тепање, но од срцев удар, додека 4-ца после стресот од прекумерна работа и душевната болка извршиле самоубиство.

На страната на „бунтовниците“ имаше 4 загинати, една жена беше застрелана во Капитолот внатре, еден човек почина од предозираност, а двајца од природна причина за време на протестите и упадот.

Во настаните имаше и повеќе десетици повредени на двете страни.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Три тони кокаин на албанската мафија завршија во рацете на властите во Еквадор

Дејан Дејан

Уште еден „Марш за ангелите“ попладне во Кочани

Дејан Дејан

„Бајач“ од Трубарево измамил брачен пар од Берово за 400.000 евра

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе