Жителите на Покровск се евакуираат од градот поради интензивирање на борбите и, пред сè, напредувањето на руските сили. Украинските трупи сè уште држат позиции во и околу стратешки важниот град во регионот на Доњецк, но рускиот притисок е сè поголем по нив. Русите се наоѓаат на само шест километри од градот и според аналитичарите, прашање на денови е кога Покровск ќе падне под нивна контрола.
Покровск, кој пред почетокот на руската инвазија, имаше околу 60.000 жители е еден од главните упоришта на Украина и нејзин клучен логистички центар за одбрана на Доњецк. Според Агенцијата за бегалци при Обединетите Нации, над 137.000 луѓе се евакуирани од зоните на интензивни борби во регионот само во последните четири месеци.