Грузиската полиција соопшти дека 50 лица се уапсени за време на деветтата ноќ на протестите во Тбилиси. Од нив 48 лица се приведени поради непослушност и вандализам, додека други двајца се уапсени под обвинение за учество во насилни групи.
Протестите се одржуваат поради најавата на владејачката партија дека ќе ги суспендира преговорите за приклучување кон Европската Унија за период од четири години.
Полицијата и за време на синоќешните протести употреби водени топови и солзавец и интервенирала со специјални единици за да ги задуши протестите, а демонстрантите повторно возвратија фрлајќи разни предмети, како и со огномет и петарди.
Според властите, од почетокот на масовните протести се уапсени вкупно 341 демонстрант. Речиси 150 полицајци се повредени.