Кога беше именуван од страна на претседателот Емануел Макрон и ја формираше владата, никој не очекуваше дека владиниот кабинет на поранешниот главен преговарач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние ќе успее да преживее долго. Но, владата на Барние се распадна уште на првата препрека, предлог буџетот за 2025 година.
- „Отсекогаш со гордост сум дејствувал за да се изгради нешто, наместо да се урива. И во текот на овој период ги ислушав сите кои ми велеа дека се подготвени да соработуваат за доброто на државата. Почитувани членови на парламентот, не можам да ја прифатам идејата дека институционалната дестабилизација е целта која ги обединува мнозинството од пратениците“ изјави Мишел Барние, премиер на Франција.
Левичарскиот блок, кој освои најмногу пратеници на изборите, и третата сила, крајно десничарскиот Национален фронт жестоко го критикуваа изборот на Макрон. Многумина токму претседателот го сметаат за одговорен за политичката криза во која сега влегува земјата, затоа што непотребно распиша избори по поразот на европските, и не сакаше да именува кандидат за премиер од редовите на победничката коалиција. Сега земјата ќе мора да ја води техничка влада се до јуни идната година, кога ќе можат да бидат распишани парламентарни избори.
- „Не повикувам Емануел Макрон да поднесе оставка. Само велам дека ќе дојде време кога, ако не ги почитувате гласачите и ако не ги почитувате политичките партии и изборите, тогаш притисокот врз претседателот ќе се зголеми. Но, лично тој ќе мора да ја донесе одлуката, последниот збор“ изјави Марин Ле Пен, лидерка на Националниот фронт.
Прв пат по повеќе од 60 години француското национално собрание ѝ изгласа недоверба на владата. Денеска, се очекува Барние официјално да му ја достави оставката на Макрон, кој треба да го започне процесот за избор на негов наследник. Но, имајќи во предвид колку се нарушени односите на Макрон со опозицијата, не се исклучува можноста до летото 2025 Франција да смени неколку влади.
Игор Трајков