Сириските владини трупи се судрија со бунтовниците во најголемиот град на земјата, Алепо, по првпат од 2016 година, додека авионите на сириската армија ги напаѓаа линии на логистика на бунтовниците на периферијата од градот. Бунтовниците ја пробија одбраната на владините трупи и влегоа во западниот дел, а силиѕе на Асад почнаа со повлекување од своите позиции.
Изненадувачката офанзивно врз Алепо и во селата во околината на Идлиб која започна во средата, го стави на тест режимот на Асад но и на неговите сојузници, пред се Русија.
Според фотографиите објавени за социјалните медиуми бунтовниците стигнале пред цитаделата во Алепо, една од најголемите средновековни палати во светот, која се наоѓа во стариот дел на градот.
Ние сме на плоштадот Саад Алах ал Џабри во Алепо. Ослободени се поголем дел од населбите на градот Алепо. 13 години, раселен сум од градот Алепо, 13 години. Проклета да ти е душата, Хафез (Башар Ал Асад). Што се однесува до цивилите, ништо нема да ви се случи. Дај боже никој да не го напушти Алепо. Останете во Алепо, безбедно во вашите домови. Ние сме тука, а вие сте браќа и сестри. Ние сме од вас, а вие сте од нас. Ако даде Господ, ќе ја ослободиме целата провинција Алепо со нејзините села, изјави Мохамад Ал Абдо, бунтовнички борец.
Утрово во Алепо затворени се училиштата и владините канцеларии, а повеќето луѓе останаа во своите домови. Работат само пекарниците со цел да се обезбеди храна за населението.
Државните медиуми пак објавуваат дека голем број “терористи”, успеале да се инфилтрираат во делови од градот како и дека владините сили успешно се спротиставуваат на нападите.
Гледаме дека сириската граѓанска војна, која трае уште од 2012 година, одеднаш повторно се разгоре на оваа локација во северозападна Сирија. Дали тоа значи дека сириската влада е пред колапс? Не, но тоа сугерира дека војната малку се вжештува и ќе се вжештува додека Турција и Русија не постигнат договор за нов прекин на огнот, вели Роберт Форд, поранешен амбасадор на САД во Сирија.
Известувачот на руската новинска агенција ТАСС го цитираше официјалниот претставник на Министерството за одбрана на Русија, Олег Игнасиук, потврдувајќи дека во одбраната се вклучени руски воени авиони кои вршат воздушни напади со цел да ја запрат офанзивата во северозападниот дел на Сирија.
Алепо не беше напаѓан од опозициски сили од 2016 година кога тие беа истерани од источните квартови на градот по долгата воена офанзива во која сириските владини сили беа поддржани од Русија, Иран и нивните сојузнички групи.
Офанзивата дојде во време кога групи поврзани со Иран, главно либанскиот Хезболах, кои ја поддржуваат сириската влада, ослабнаа во својата поддршка поради борбите на фронтот во својата земја. Израел пак ја засили својата кампања против Хезболах и цели поврзани со Иран во Сирија бомбардирајќи голем број нивни позиции и командни центри.
Битката за Алепо во 2016 година беше пресвртна точка во војната помеѓу сириските владини сили и бунтовниците по започнувањето на протестите против режимот на претседателот Башар Асад во 2011 година, кои прераснаа во разорна војна.
Александар Петрески