Во собраниската комисија за надзор врз тајните служби, исполнета со тензични расправи, не се одржа сослушувањето на директорот на АНБ Бојан Христовски за мистериозните и сомнителни детали од неговата професионално-партиско-јазична биографија. Владеачката ВМРО-ДПМНЕ предложи две нови точки-посети на тајните служби. Но, Скендер Зејд Реџепи, претседателот на надзорната комисијата која според законот ја води опозицијата не го стави предлогот на дневен ред бидејќи се уште нема безбедносен сертификат.
Театар на власта, обвинува опозицијата
По прекинатата седница, пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска порача дека станува збор за театар на владеачкото мнозинство за да се спречи сослушувањето на Христовски, а Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ возврати дека опозицијата сака да работи незаконски. Сослушувањето на Христовски не се одржа поради предлозите на неговите доскорешни сопартијци и директорот на тајната служба не прозборе ниту на македонски ниту на англиски.
Директорот на АНБ Бојан Христовски преседе цел час без да прозбори ниту збор за сериозните обвинувања кои за него опозицијата ги наведе во иницијативата со тврдење дека неговото назначување не е законско бидејќи не ги исполнува условите и има сомнеж за фалсификат на документ за англиски јазик.
Иако дебатата не ни почна, со процедуралните забелешки расправата се вжешти. ВМРО-ДПМНЕ со контранапад и во одбрана на својот до лани раководител на партискиот комитет на град Скопје. Единствената пратеничка од СДСМ пак посочи дека треба да се расправа бидејќи во тековните постапки во Антикорупциска и во обвинителство досега Христовски не ги доставил бараните документи меѓу кои и спорниот ТОЕФЛ сертификат за англиски јазик од школото Јулија во Пловдив, Бугарија.
-Како што го наместивте Вие, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Вашите срамови да ги јаде тука, рече Славјанка Петровска од СДСМ додека пратениците на владеачката ВМРО-ДПМНЕ извикуваа и ја прекинуваа.
Прашуваа дали е тоа нејзиното процедурално обраќање бидејќи не им личи на такво.
-Така е, дојден е да ги јаде Вашите срамоти. Слободен говор е. Согласно демократските ставови мои, им одговараше Петровска.
-За да го разбиеме сомнежот и да го одбиете насловот на иницијативата (незаконско именување на директор на АНБ) за кој ние тврдиме дека е незаконско, во интерес на сите нас овде, но најмногу на граѓаните и на лицето кое е именувано за директор, е оваа точка да ја завршиме што е можно побрзо, порача Петровска.
-Ние како пратеничка група бидејќи сакаат да прават лов на вештерки, поедини структури политички, од минатото. Јас би ги нарекол сеништа од минатото. Ќе дозволиме оваа седница да продолжи и ќе гласаме за дневниот ред, а се со цел да ги разбиеме небулозите и приказните кои во јавноста ги пушта една политичка партија. И тука мислам на СДСМ, изјави Драган Ковачки, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Христовски доби „државна тајна“ за 10 дена, Зејд Реџепи нема за да го контролира
Расправата не се одржа бидејќи во еден момент претседателот на надзорната комисија Скендер Зејд Реџепи се најде против сите бидејќи не сакаше да стави предложени точки на дневен ред. Точките на ВМРО-ДПМНЕ беа да се организираат посети на тајните служби Агенцијата за разузнавање и АНБ откако премиерот Мицкоски обвинуваше дека бил следен со дронови.
Реџепи сметаше дека не може брзо да се организираат посети затоа што тој уште не добил безбедносен сертификат и не може да ја врши функцијата.
-Морате да го дополните дневниот ред, викаше координаторот на најголемата владеачка пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
-Не мора да го дополнам, затоа што не е согласно моите компетенции што ги имам и согласно одговорноста за да може да ги надгледам работата на тајните агенции. Како јас ќе ги надгледам тие агенции ако не бидам член на таа екипа која ќе биде таму, одговараше Скендер Зејд Реџепи, кој е од Европскиот Фронт, предводен од ДУИ.
-Па како тогаш сте викнале директор на АНБ за да го разгледувате неговото назначување, рече Мицевски.
-Јас не можам да бидам член на таа екипа таму, рече Реџепи.
-Жалам, тоа не е мој проблем, реплицираше Мицевски.
На крај Реџепи ја прекина седницата за да чека безбедносен сертификат. Издавање на таков сертификат за „државна тајна“ трае меѓу 3 и 6 месеци, а Христовски прво стана директор на АНБ па го доби за десетина дена.
На заминување од седницата, Христовски не даваше изјави бидејќи рече дека своето обраќање сакал да го каже на надзорната комисија за која се подготвил.
Миомир Серафиновиќ