Катастарските услуги се намалени за 75%. Граѓаните веќе три недели плаќаат помали цени. Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски вели дека по намалување на цените имаат наплив на работа, па поради тоа работат прекувремено. Во однос на поплаките на Комората на геодети дека се високи цените на катастарските услуги, директорот појасни дека во исто време скокнале и цените на геодетските работи и ги повика приватните геодети да ги намалат сумите како нив.
„Во поглед на Комората на геодети морам да укажам дека на почетокот на 2024 година кога биле покачени цените на катастарските услуги, истовремено биле покачени и цените на геодетските работи. Меѓутоа ние сега ги намаливме нашите цени, а на потег се геодетите дали ќе се одважат и ќе побараат намалување и на нивните цени“, изјави Иван Живковски, директор на Агенција за катастар на недвижности.
Од Катастар денес го промовираа порталот „е-услуги“ преку кој имотните листови и останатите потребни документи ќе може да се извадат за неколку секунди. Со тоа се очекува да се намалат административните процедури.
„Со новиот портал „е-услуги“ обезбедуваме брза и ефикасна електронска услуга за 94 продукти од Катастарот, која корисниците ја добиваат веднаш по нарачката преку електронската пошта. Планираме до крајот на годината да воведеме уште десетина нови услуги, а во текот на 2025 година да го зголемиме бројот за дополнителни 10 услуги“, додаде Живковски
На почетокот на годината поскапеа геодетските елаборати и цените на Катастарот. Граѓаните беа вознемирени поради тие поскапувања кои беа неколкукратно поскапи. Цените на катастарските услуги сега се намалија, а останува неизвесно дали истото ќе го сторат и приватните геодети.
Тамара Марковска