Трет ден гори во и околу депонијата кај Добрашинци. Активистите на „Здрава котлина“ реагираат дека чадот ги задушува жителите на околните села, но и градот Струмица. Бараат да се преземат итни мерки за да се стави под контрола, бидејќи се шири чад и смрдеа поради високите температури.
Од струмичкото комунално претпријатие велат дека пожарот во моментов е надвор од депонијата и дека во моментов на некои места депонијата чади, но се носи земја со која се потрупуваат местата каде сè уште тлее.
Од „Комуналец“ велат дека се сомневаат дека пожарот е предизвикан од човечки фактор и најавуваат пријава до струмичката полиција против непознат сторител.
Проблемот со палењето трае со години за струмичката полиција. Најизразен е во лето, кога подолг период има температури близу 40-от степен Целзиусов.
Сузана Мицева