Паднати дрвја, искршени гранки, скинати кабли-вака изгледа дел од Скопје по вчерашното невреме. Дел од штетите веќе се санирани, а дел ќе се санираат.
„Паднатите дрвја сведочат за вчерашното невреме проследено со дожд, ветер и град. Најмногу штети беа регистрирани во Скопје и Тетово. При обиколката во Скопје на терен можевме да забележиме дека се санираат штетите.“
Од Центарот за управување со кризи информираат дека на единствениот број за итни случаи 112 во последното деноноќие имало 2 699 повици за помош. Најголем дел од пријавите биле за паднати дрвја, поплавени улици, куќи и гаражи. Случаите за поплавени улици биле испратени до дежурната служба на ЈП Водовод и Канализација, а проблемите со електрична енергија и паднати бандери до ЕВН Дистрибуција.
„До утрово 42 пријави беа за паднати дрва на повеќе локации во градот. Веднаш беа известени дежурните во ЈП Паркови и Зеленило на Град Скопје. Настаните за оштетени возила и поплавени куќи, станува збор за приватен имот и доколку од страна на општините во наредните денови се прифатат настанатите штети истите ќе бидат дополнително пријавени“, соопштија од Центар за управување со кризи.
Во текот на вчерашниот ден во Скопје заврна дожд проследен со ветер, а на одредени места имаше и град. Повремен дожд е најавен и за денешниот ден.
Тамара Марковска