Замина првиот претседател на Собранието во демократска Македонија, избран на првите повеќепартиски избори, стамен столбник на нашата современост кој што даде сериозен придонес во политичкиот, државниот и општествениот развој во последните три децении, забележа претседателката Гордана Силјановска- Давкова на комеморативната седница по повод смртта на Стојан Андов, поранешен претседател на парламентот.
Политиколог, новинар, публицист, писател, кој што ја промислуваше македонската и меѓународната сцена, при тоа што е од особена важност и за културниот идентитет на македонскиот народ, соживотот на сите македонски граѓани без разлика на нивната верска, идеолошка и национална припадност, соработката со соседите и светот врз односи на рамноправност, давајќи голем придонес на културата на сеќавањето како предуслов за подобро утре на сите.
„Не можам, а да не потсетам дека мирното раздружување од Југославија меѓу останатото им го должиме и на државниците како Глигоров, како Петар Гошев, како Стојан Андов, како Абдурам Алити и требаше да помине многу време за да ја видиме нивната вредност. Замина угледен сојузен функционер во поранешната заедничка држава, дипломат кому му се доверуваа најсуштествените задолженија на меѓународен план, кој што беше член на сојузните влади во два мандата, кој што го прекрстари светот како задолжен за односи со земјите во развој и со европската економска заедница, претходничката на Европската Унија, кој што во име на сојузната Влада го потпиша договорот за соработка со европската Економска зедница, што значи првата земја, што започна преговори со Европската зедница бевме ние, а преговарачот беше господинот Стојан Андов, по што кон него почна еден интересен идеолошки напад во смисла дека на меѓународен план почнал да ја оспорува неврзаната политика на тогашна Југославија“, рече претседателката Гордана Силјановска-Давкова на комеморацијата за Андов.