Вести Македонија Топ вести

Идната влада подготвила документ колку секоја од страните го имплементирале Преспанскиот договор

САД и Франција побараа новата влада во Македонија да ги почитува меѓународните договори. Во патоказот кој денеска на брифинг го објави Белата куќа, утврден на средбата на претседателите на двете држави, Џо Бајден и Емануел Макрон во Франција, меѓу другите горливи меѓународни теми и интереси на Вашингтон и Париз, пасус има и за Западниот Балкан во кој се поздравува континуирана блиска соработка за интеграција на регионот во ЕУ, со цел зголемување на просперитетот, јакнење на демократското управување и владеењето на правото.

За Македонија конкретно, од САД и Франција има една порака.

„Тие ја повикуваат новата влада во Северна Македонија да остане фокусирана на патот кон ЕУ и да се придржува до своите меѓународни обврски“, брифираат од Белата куќа за француско-американскиот патоказ.

На француско-американскиот повик за почитување на меѓународните договори одговор од новата влада стигна лично од мандатар, Христијан Мицкоски, според кого Македонија ќе ги почитува, но оти тоа е двонасочна улица.

„Треба и двете страни да го почитуваат. Ако конкретно мислите на Преспанскиот договор, ние како идна влада го почитуваме во детали. Се што е дел од нашето законодавство, Устав, се почитува во детали – точка, запирка. И тука не треба да има никаква дилема, затоа што вие не можете да барате од граѓаните да ги почитуваат законите и Уставот, а вие да ги прекршувате. Но истовремено очекувам и вториот потписник, нашиот јужен сосед, да ги почитува“, изјави мандатарот, Христијан Мицкоски.

Мицкоски притоа информираше дека е подготвен документ кој покажува колку секоја од страните го имплементирала Преспанскиот договор. Тој притоа очекува сите стратешки партнери на земјава и оние кои се дел од договорите дека ќе ги почитуваат онака како што и Македонија ги почитува.

Совет до идната влада околу почитување на договорите денеска стигна од министерот за надворешни работи на заминување, Бујар Османи. Според него секое користење на друго име за државата освен, Република Северна Македонија, е надвор од Уставот, што го прави Преспанскиот договор спореден по однос на уставната обврска што постои кон името на државата.

„Еве бесплатен совет до владата. Може да сте биле против, може да сте против, но тоа е реалност, тоа е дел од нашиот уставен поредок, дел од Уставот и мора да се почитува“, изјави Бујар Османи, досегашен шеф на дипломатијата.

Османи за можноста Членот 7 од Преспанскиот договор, каде се утврдува за секоја од страните употребата на термините „Македонија“ и „македонски“, да биде толкуван дека дозволува државата да се нарекува „Македонија“, дециден е дека придавката „македонски“ може да се користи само во етнички контекст, не и во државен.

„Значи се што е „македонски“ се однесува на македонската етничка заедница. И оттука мислам дека треба да се почитуваат тие одредби бидејќи отвораат нови прашања. Исто е и по однос на името на државата“, е ставот на Османи.

Инаку членот 7 од Договорот, е членот на кој пред една недела се повика Мицкоски околу користење на терминот „Македонија“.

Членот 7 утврдува дека страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство, што во контекст на Македонија тие ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени за грчката страна.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Полицијата со кривична пријава за градоначалникот на Крива Паланка за урбана опрема пред кафеана, Митовски обвини за политички притисок со прашање до каде е пријавата за загадување со цијанид

Дејан Дејан

Кој калкулира, а кој менува страна – најави за средби и разговори неделава

Дејан Дејан

Уставен ја одложи подготвителната седница за Законот за јазици откако остана без судијката Дуковска

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе