Хируршките сали на клинички со намален број на интервенции, градските болници се полнат со пациенти и тројно зголемен број на интервенции, а надлежните сè уште ја бараат причината која три недели ги стави под клуч операционите сали на „Мајка Тереза“. Се оперираат само итните пациенти, а лекарите од ГОБ „Св. Наум Охридски“ бараат и дополнителен кадар.
„Капацитетот во последните три недели е исполнет од 95 до 100%. Тоа варира на дневна база, во зависност од бројот на примени и отпусни од болницата. Така да од 95 до 100% е пополнет капацитетот на болницата. Отприлика некаде меѓу 17 и 25 пациенти итни дневно се оперираат во нашата установа“, доктор Небојша Настов, раководител на оддел за трауматологија во „ГОБ Св. Наум Охридски“.
„Што побрзо да се надмине проблемот на Клинички и кај нас тука ќе се среди ситуацијата, тоа е апелот“, вели Нермин Шаќири, економски директор на „ГОБ Св. Наум Охридски“.
Ситуацијата речиси идентитчна и во соседната градска болница „8 Септември“.
„Хируршките одели околу 80% се полни, меѓутоа секако е зголемен бројот на итните пациенти во главно се оперираат сите оние итни пациенти како што се абдоменални, најразлични крварења , тие имаат приоритет“, изјави доктор Христијан Костов, директор на ГОБ „8 септември“.
За случајот со затворањето на хируршките сали, освен предмет во јавното обвинителство, по сопствена иницијатива отвори и народниот правобранител.
„Се бараат информации објaснувања и докази од надлежните во врска со овој проблем. По добивање на повратни информации ќе се одлучи како ќе се постапува понатаму. Народниот правобранител постапува исклучиво во насока на заштита на правата на пациентите“, велат Народен правобранител.
Дека на лето ќе се зголеми листата за чекање алармираа и лекарите од Клинички. Додека се чекаат резултатите од германските стручњаци кои пред неколку дена беа во контрола на операционите сали, надлежните си ја префрлаат топката за тоа чија е одговорноста за миризбата во хирушкиот блок. По речиси три недели дел од салите се ставени во функција а покрај итните се оперираат и редовно закажаните пациенти. Како преодно решение до целосно решавање на проблемот салите на Клинички ќе работат со надворешни компресори и садови со компримиран воздух, а поради немање доволно надворешни компресори, операционите сали ќе работат во две смени.
Симона Петровска