Тестовите по мајчин јазик кај кои е утврдено препишување ќе бидат поништени, ова го одлучија од Државниот испитен центар на стручниот колегиум кој го одржаа денеска. Ова следува откако во саботата кога се полагаше првиот екстерен испит до Државниот испитен центар беше пријавено масовно препишување. Иако нивните телефони беа одземени пред почетокот на полагањето сепак прашањата и одговорите од тестот се споделувале во вибер група која била направена пред полагањето, а во неа имало 7 илјади членови. Линкот од групата до ДИЦ го испратиле дел од учениците и нивните родители.
„Испитите ќе бидат поништени само на оние ученици којшто ги прекршиле правилата. Односно на оние кои во моментот користеле мобилен телефон, а тоа било констатирано од тестаторите или набљудувачите и на оние ученици коишто во процесот на оценување ќе се заклучи дека препишувале, односно имаат идентични одговори со други ученици“, вели Билјана Михајловска, директорка на Државен испитен центар.
ДИЦ деновиве ќе има состанок со МОН на кој ќе одлучуваат за дополнителни мерки. За да се спречи препишувањето оваа година за прв пат наместо во училници се полагаше во холови, спортски сали, а беа ангажирани и поголем број тестатори. Матурантите во саботата го полагаа задолжителниот екстерен испит, за кој беа пријавени 10 088 кандидати за македонски јазик и литература, 4.189 за албански јазик и литература и 315 кандидати за турски јазик и литература. Во сабота на 8 јуни, ќе биде полагањето на вториот изборен екстерен испит.
Тамара Марковска