Поранешниот министер за здравство и избран пратеник, Венко Филипче е третиот потврден кандидат за претседател на СДСМ. Одлуката, што ја соопшти преку социјалните мрежи, ја донел „по долго размислување и низа разговори со голем број поддржувачи“. Повикува да се отстранат грешките од минатото и СДСМ да стане посилен и пообединет.
-Нашата партија е соочена со голем предизвик и ги поминува веројатно најтешките моменти од нејзиното основање. Ова е време кога многумина се прашуваат дали СДСМ ќе опстане и каква е иднината на партијата. Јас силно верувам дека поразот треба да ни послужи како моќен катализатор за промена и обнова. Мојата цел во следните четири години е да ја обновиме, реформираме и повторно да ја подигнеме СДСМ на ниво кое го заслужува. Да создадеме организација која ќе им служи на граѓаните и ќе биде мотор на општествениот напредок, напиша Венко Филипче на ФБ.
Филипче повикува на единство, меѓусебно почитување и натпревар на идеи и визии. Ги кани другите кандидати на средба веднаш по истекот на рокот за пријавување, за да договорат фер и демократска кампања.
Кандидатурата на докажаниот неврохирург Филипче беше очекувана со оглед на неговата популарност во одредени партиски кругови. По заминувањето на Зоран Заев од претседателската и премиерската функција, тој остана негов близок соработник.
Кандидатури веќе најавија Јован Деспотовски и Славјанка Петровска. Директорот на ТИРЗ побара сите заинтересирани да потпишат изјава дека оние што ќе загубат нема да прифатат друга партиска или државна функција – за да се избегне „пазарење“. Екс министерката за одбрана му одговори дека ќе побара изјавата да се дополни со откажување од кандидатура по трет пат и во случај на отварање кривична постапка пред институциите – за да не се компромитира партијата.
Во јавноста кружат имињата и на други можни кандидати. Потпретседателот Стефан Богоев вели дека се уште не донел одлука. Некои истакнати партиски членови оперираат и со бројка од 13-мина заинтересирани. Колку од нив навистина ќе влезат во трка, ќе се знае во четврток, кога истекува рокот за пријавување. Во Централната изборна комисија велат дека не е поднесена ниту една пријава. Новиот лидер ќе се бира на 30-ти јуни, а ќе гласаат сите членови кои ќе извршат регистрација.
Соња Николовска