Правен судир меѓу Уставот и Изборниот законик. Во Уставот државата е Република Северна Македонија, а во Изборниот законик кој го содржи текстот на свечената изјава стои – Република Македонија. Новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, одбра трета верзија – само Македонија.
Се подели правната и политичката фела, а и целата јавност. Докторот на правни науки Тито Беличанец смета дека е прекршен и Уставот и научната и академската чесност.
Избраниот претседател Силјановска грубо го прекрши Уставот, бидејќи не се заколна на уставното име туку на име на државата кое престанало да важи. Исто така ја прекрши светата заклетва како редовен професор по уставно право, дека секогаш и по секоја цена ќе го заштитува Уставот, напиша Тито Беличанец на ФБ..
Професорката по уставно право Тања Каракамишева укажува дека текстот на свечената изјава е напишан само во Изборниот законик, не и во Уставот, а претседателката изговорила токму таков текст.
Членот 123 од важечкиот Изборен законик го содржи текстот на свечената изјава што претседателката требаше да го каже во својата заклетва, и го кажа. Тој гласи: …Изјавувам дека функцијата претседател на Република Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно…, напиша професорката Тања Каракамишева.
Министерот за правда Кренар Лога останува на ставот дека „непочитувањето на уставното име на државата ја прави ништовна заклетвата на Силјановска. Бара повторување на постапката и споделува видео од првата погрешена и повторената точна заклетва на поранешниот американски претседател Барак Обама. Пораката на Лога гласи:
Кога можат САД и Обама, можат и Северна Македонија и Силјановска.
Додавката „северна“ во името на државата е регулирано со 33-от уставен амандман, изгласан на 11 јануари 2019-та. Тој вели дека во Уставот „зборовите Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со „Северна Македонија“, освен во членот 36. Донесен е и Уставен закон за спроведување на 4-те амандмани, кој предвидува дека „одредбите од амандман 33 во прописите и другите акти на државните органи се применуваат од денот на влегување во сила на овој закон“. Од тогаш до сега, за овие 5 години, Изборниот законик е менуван неколку пати, но не и овој член. Доволно да се бара „дупка во законот“, но недоволно за да се прогласи Изборниот законик за порелевантен правен акт од Уставот.
Соња Николовска